Во градот Санбао во северозападната кинеска провинција Ксинџијанг вчера (недела) била измерена температура од повеќе од 52 Целзиусови степени, објавија државните медиуми.
Оваа температура го собори претходниот рекорд од 50,3 степени, измерен во 2015 година во близина на Ајдинг, во овој голем слив со песочни дини и исушени езера, кој е повеќе од 150 метри под морското ниво. Рекордната температура во градот се очекува да потрае уште најмалку пет дена.
Долготрајната жештина во Кина предизвика проблеми за електричната мрежа и за земјоделските култури, а се заканува повторување на ланската суша, најлоша во последните 60 години.
Азиските земји почнаа да регистрираат рекордни температури уште од април, што предизвикува загриженост за нивната способност да се прилагодат на климатските промени.
САД и Кина ќе се обидат да ги обноват напорите за борба против глобалното затоплување оваа недела, при посетата на американскиот специјален претставник за климата Џон Кери на Пекинг, кој треба да разговара со неговиот кинески колега Ксие Женхуа.