Државниот инспекторат за труд изврши 164 надзори за почитување на владини мерки и препораки за заштита на граѓаните од високите температури, најчесто во дејности каде што изложеноста на топлинската енергија е најголема, и притоа за 30 работодавачи е издадено решение за забрана за вршење на дејноста, информира денеска министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.
Поради топлотниот бран што ја зафати земјава, Владата донесе одлука бремените жени и лицата над 60 години да бидат ослободени од работа, во установите за згрижување на децата да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот, а единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.
„Државните органи и јавните претпријатија и установи да ги почитуваат препораките. Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено, да ги запрат активностите во периодот од 11:00 до 17:00 часот, а ова особено се однесува на работата на градежните работници“ – се вели во соопштението од Владата.