Компании на ЕСМ за снабдување со топлинска енергија бараат зголемување на цената на парното за втората половина од годината, доколку Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ги прифати барањата, граѓаните од 1 август ќе плаќаат за 54% повисоки сметки за парно, објави ТВ Телма.
Компаниите веќе ги доставиле пресметките до комисијата, а две од трите фирми за парно на ЕСМ бараат зголемување. Пресметки доставиле и ЕСМ Енергетика и Скопје Север.
-Дистрибуција бара зголемување за 50 отсто, снабдување за 54, 2 проценти, а за производство, намалување за 29,42 проценти. Во постапка сме на разгледување, за 10 дена ќе знаеме што е како е, се аналзираат нивните трошоци. Ако се прифатат барањата за 54% би било зголемувањето на цената на парното, изјави претседател на Регулаторна комисија за енергетика, Марко Бислимовски за Телма.
Во РКЕ ќе ги разгледаат барањата и како што е најави Бислимовски, за десетина дена, би се знаела новата цена на парното, која ќе важи од први август.
ДДВ-то за топлинска енергија, останува 5 отсто, и засега нема најава дека ќе се менува.
ЕСМ втора сезона менаџира со парното греење. Откако и се одзедоа лиценците за работа на БЕГ, Владата ги задолжи државните електрани да го прават тоа. За таа цел, ЕСМ формираше и три нови фирми, за производство, дистрибуција и за снабдување со топлинска енергија. Градско парно користат околу 60 илјади домаќинства.