Многумина од обожавателите на Новак Ѓоковиќ забележаа дека тенисерот со најмногу грен-слем титули во историјата на тенисот, на Вимблдон пушти брада. Јавноста ја заинтригира на што се должи новиот имиџ на најдобриот тенисер во светот, а српските новинари што го следат настапот на Ѓоковиќ на Вимблдон го прашале дали „јаречката брада“ на неговото лице има врска со статусот GOAT што го имаат најголемите во спортот (во буквален превод коза), односно дали се работи за обична желба за краткотрајна промена на имиџот или во прашање е суеверие. Ѓоковиќ им одговорил во негов стил…
– Порано имав суеверија, сега воопшто немам. Во првата фаза од мојата кариера морав да се избричам… Иако, додека беше жив дедо ми, ме опоменуваше да се избричам. Сега пуштив брада, бидејќи жена ми вели дека ми изгледа убаво. Морам да ја слушам сопругата, велат дека тоа е рецепт за среќен и долг живот. Ќе ја скратам малку, морам, расположено одговори Новак Ѓоковиќ.
Во пресрет на денешното финале на Вимблдон кое уште еднаш ќе се обиде да ја помести границата, Ѓоковиќ откри уште еден детал на кој внимава. Не е суеверн, но, сака да спие со главата на север.
– Имам рутини, но немам такви суеверија дека секогаш морам да спијам на одредена страна од креветот, иако се трудам да ја имам главата свртена кон исток или север, тоа е важно, но се друго, немам ништо, истакна Ѓоковиќ.
Во големото финале на Вимблдон што почнува денеска од 15 часот Новак Ѓоковиќ ќе игра против Карлос Алкараз од Шпанија за петта последователна титула на Вимблдон, а осма во кариерата со која би се израмнил со легендарниот Роџер Федерер.