Судот во Москва вчера поднесе кривична пријава против седум лица „мотивирани од национална омраза“ да убијат две истакнати руски новинарки во заговор кој наводно бил поддржан од Украина, јави руската државна новинска агенција ТАСС. Судот им одреди притвор по кривичната пријава за „хулиганство“, на пет малолетници родени во 2005 и 2006 година и на двајца повозрасни мажи, за кои се смета дека биле дел од организирана група, јави ТАСС.
Руската безбедносна служба ФСБ во петокот уапсила неодреден број луѓе кои се занимавале со извидување во близина на домовите и работните места на новинарките Маргарита Симонјан, шеф на државните медиуми на РТ и Ксенија Собчак, која се кандидираше против претседателот Владимир Путин во 2018 година.
Новинската агенција Интерфакс ја пренесе изјавата на ФСБ дека уапсените признале дека подготвувале напади врз двете жени во име на Украина и дека им била ветена награда од 1,5 милиони рубљи (околу 15.000 евра) за секоја од нив.
Маргарита Симонјан,која е гласен поддржувач на руската војна во Украина, објави порака на Телеграм за наводниот заговор, барајќи од безбедносните служби да продолжат со својата работа.
Ксенија Собчак, која во своите објви често ја критикува политиката на руските власти, рече дека ако плановите за атентат се вистинити, тогаш „благодарност до сите вклучени служби за нивната работа“, но ако извештаите се невистинити, а „идејата е ме стават мене и Симонјан во иста реченица, тогаш тоа е обична глупост“.
Истакнати провоени руски личности, новинарката Дарја Дугина и воениот блогер Владлен Татарски, беа убиени во бомбашки напади во Русија минатата година. Русија ја обвини Украина за нивните убиства, додека Киев негираше и ги прикажа како доказ за внатрешните конфликти на Русија.
Во мај, истакнатиот руски националистички писател Захар Прилепин беше повреден во експлозија на автомобил во која загина неговиот возач. Инспекторите соопштија дека осомничениот бил приведен и признал дека дејствувал во име на Украина.