Германскиот канцелар Олаф Шолц повторно ја бранеше одлуката на САД за испорака на контроверзна касетна муниција на Украина, но во исто време ја истакна важноста на меѓународниот договор за забрана на овој вид муниција, јави ДПА.
– Американската влада донесе одлука што не е наша, туку ја донесе суверено – рече Шолц и додаде дека во спротивно, САД можеби нема да можат да обезбедат доволно муниција за Украина, која се бори против руската инвазија.
Тој сепак рече дека меѓународната Конвенција за касетна муниција, која Германија ја потпиша, е „од големо значење“ и оти тој е многу загрижен за потенцијалното влијание на неексплодираните касетни бомби врз цивилите долго по завршувањето на војната.
Речиси 80 години по крајот на Втората светска војна, предупредувањата за неексплодирани бомби остануваат релативно чести во Германија, истакна Шолц.
– И затоа е многу оправдана загриженоста што ја истакнуваме со оваа конвенција. И јас исто така сум посветен на тоа – рече Шолц.
САД, Украина и Русија ја немаат потпишано конвенцијата, со која се бара да се забрани касетната муниција. Оружјето се бомби што се распрснуваат над целта, расфрлајќи голем број помали експлозиви. Голем дел не се детонираат, но остануваат како закана со години во иднината.