Дали новото законско решение со кое земјоделците ќе можат да го осигурат своето производство ќе ја врати нивната доверба кон осигурувањето? Ова треба да се види по донесувањето на Законот за земјоделско осигурување, кој е во владина процедура, а требаше да почне да се применува од почетокот на годинава.
Земјоделците и опозицијата не знаат што содржи законот, кој се подготвува повеќе од две години, а официјално го нема на националниот регистер на прописи ЕНЕР. Тие велат дека ќе треба да се прошири опсегот на ризици кои ќе се осигуруваат, осигурувањето да биде доброволно и да не биде поврзано со субвенциите, а за враќање на довербата во осигурителните компании ќе треба подолг период. Според нив, до донесување на законот потребно е да се воведат дополнителни мерки за поттикнување на примената на заштитни мрежи од град и топлина и да се направи напор да профункционира системот за засејување на облаци, кој годинава, поради немањето соодветна муниција не е во функција.
Поразителна бројка, само 3% земјоделци користеле осигурување досега!?
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски деновиве рече дека се надева дека законското решение ќе ги помине собраниските процедури и ќе почне да се применува, со што ќе се поправи состојбата според која само 3% од земјоделците користеле осигурување досега, иако владата даваше и субвенции за тоа.
– Преку овој закон за земјоделско осигурување овозможуваме земјоделците да ја вратат довербата во компаниите со цел максимално да се осигуруваат земјоделските посеви. Поразителни се бројките за користењето на мерката од Програмата за рурален развој. Околу три проценти од земјоделците го осигуруваат своето производство. Тоа е поради тоа што е изгубена довербата во компаниите. Направивме нов закон и верувам дека Парламентот ќе го усвои и дека ќе воведеме една нова реформа во земјоделското осигурување што ќе биде уште поголем мотив за земјоделците кога ќе настанат штети да добијат обесштетување – рече Николовски.
Поради климатските промени, но и како резултат на фактот дека државава ги затвори градобијните станици и воведе систем за засејување на облаците кој моментално не функционира бидејќи не е достапна соодветната хемикалија која се увезува од Украина, земјоделците годинава, како и години наназад претрпеа огромни штети.
Како што е предвидено во нацрт законот кој е објавен на ЕНЕР предложениот систем има за цел да ги замени постоечките ад-хок шеми за помош по катастрофи со решенија за осигурување на посевите и добитокот на државно ниво.
Предлозите за системско решение со воспоставување на Фондот за земјоделско осигурување и пул за земјоделско осигурување кои ќе дејствуваат според одредени правила.
Тие што се осигурувале тешко наплатувале штети!?
Земјоделците овој закон го очекуваа уште пред две години, бидејќи како што велат осигурителните компании веќе не сакаат да осигуруваат во земјоделството. Тие се незадоволни од тоа како се покриваат настанатите штети.
– Сè помалку осигурителни компании осигуруваат во земјоделството. Годинава се сведовме на 2 до 3 кои потпишуваат договори за осигурување во овошниот сектор поради големите ризици. Но состојбата е иста и кај другите култури. И земјоделците од своја страна се песимистички настроени кон осигурувањето бидејќи во изминатиот период не можеа да ги наплатат полисите за штетите од осигурителните компании. Годинава не функционира ниту системот за засејување на облаци, па штетите во овоштарството можат да бидат големи – изјави за Плусинфо, неодамна претседателот на Здружението на овоштари Љубе Пампулески.
Производителите на градинарско производство велат дека проблем и сега за малиот интерес на земјоделците за осигурување на производството е тоа што осигурителните компании избираат што ќе прифатат како ризик, а бараат високи износи за осигурување.
– Во градинарското производство не се осигурува пластеничкото производство, што е хендикеп за земјоделците. Како е решено со новата верзија на законот не знаеме и ние како земјоделци. За земјоделците е добро да ги осигуруваат посевите, но и покрај тоа што државата субвенционира осигурување, тоа е скапо. Мислам дека ова осигурување не треба да биде поврзано ниту со субвенциите, како што беше планирано, ниту, пак, да биде задолжително за земјоделците – вели претседателот на Синдикатот на земјоделци Ристо Велков.
Компаниите го осигуруваат само тоа што ним им одговара
Претседателот на комисијата за земјоделство на ВМРО-ДПМНЕ Цветан Трипуновски вели дека треба прво да го види предложеното законско решение за да може да коментира дали е прифатливо за земјоделците и за опозицијата.
– Имаше неколку верзии меѓу кои и таква осигурувањето на земјоделските производи да биде условено со добивањето субвенции, но не сум ја видел последната верзија, која ја подготви Министерството за земјоделство, а која веројатно ќе претрпи промени и во владата. Откако ќе го видиме овој предлог ќе може да дадеме коментар дали е прифатливо решението – вели Трипуновски.
Но, додава тој, ова решение треба да го зголеми опсегот на осигурување во земјоделството, бидејќи сега осигурителните компании осигуруваат само она што сакаат.
– Ова законско решение треба на некој начин да ги услови осигурителните компании да го осигуруваат секој ризик во земјоделството. Опсегот на осигурување треба да се зголеми и на некој начин компаниите да се принудат да не го осигуруваат само тоа што им носи приход. Сведоци бевме дека сега не се осигурува од штети од ран мраз или слично, но тоа во голем случај влијае на крајниот резултат во земјоделството – додава Трипуновски.
Трипуновски вели дека покрај осигурувањето државата треба да ја засили одбраната против град кој секоја година уништува голем број култури.
Какво засејување облаци кога нема авиони?
– Годинава воопшто не се користи засејувањето на облаците, кое во изминатиот период беше слабо поради несоодветните авиони. Оваа мерка треба да се засили, но со соодветни авиони и да се изведува професионално. Дополнително, за да им се помогне на земјоделците во заштитата од град и прекумерно изложување на топлина на посевите, треба да се воспостави мерка за субвенционирање на поставување заштитни мрежи. Ова ќе даде резултати во услови кога засејувањето на облаци не функционира, а не функционираат ниту градобијните станици – вели Трипуновски.
Според она што го содржи нацртот на овој закон објавен на ЕНЕР во декември 2021 година се предвидува посевите да се осигуруваат од следните ризици: град, молња, поплава, буици, суша, пролетен мраз, бура и пожар. Дополнително се појаснува и дека ризиците треба да зависат од видот на посевот, плодот, добиток и рибниците можат да бидат поделени на основни и дополнителни, а нив ги утврдува на годишно ниво Фондот за осигурување.
Компаниите треба да формираат пул за земјоделско осигурување
Покрај формирањето на нов државен фонд – Фонд за задолжително осигрување во земјоделството, со законот се предвидува формирање на пул за земјоделско осигурување, кој ќе го сочинуваат осигурителни компании кои ќе се јават на тендерот кој треба да го распише Фондот за осигурување во земјоделството.
Осигурувањето во земјоделството според овој нацрт е задолжително за посев, плод, грло добиток, пчелно семејство и рибник од штети предизвикани од неповолен климатски настан. Земјоделските стопанства, со склучување на договорот за осигурување, плаќаат од 30% до 80% од премијата за осигурување, со што во случај на исполнување на условите за исплата на штета се стекнуваат со право на соодветна осигурителната сума која е утврдена според тоа колку проценти се платени за осигурување.
Дали ова што се предвидува во нацрт текстот е содржано во предлог текстот не се знае бидејќи на ЕНЕР сè уште не е објавен текстот што го најави министерот за земјоделство.