Иако преговарачкиот тим на синдикатите постигна договор со владата за зголемување на платите во јавниот сектор за 10%, дел од синдикалните организации од јавниот сектор изразија незадоволство и најавија штрајкови за септември. Незадоволство од договорот и можен штрајк од септември изрази и Синдикатот на образование наука и култура (СОНК), иако негов тим беше присутен на преговорите со владата.
Дали на овој начин тимовите на синдикатите кои ги предводеа првите луѓе ја изневерија базата, па сега таа им возвраќа?
Синдикатите имаат различни ставови за ова прашање, но експерти велат дека оваа ситуација покажува дека е нарушена демократијата во синдикатите, која во основа подолг период се зема здраво за готово и наместо базата одлуки носат раководствата. Дополнително и неусогласувањето на барањата меѓу синдикалните здруженија ги прави синдикатите лесни за манипулирање и за преговарање со однапред донесени решенија од страна на владата и работодавачите.
– Има индиции дека е нарушена комуникацијата меѓу членството и раководството на синдикатите. Тимот што преговараше со владата околу покачувањето на платите го кажал најверојатно ставот на раководството на синдикатите и не се консултирал со членството кое не испадна дека прифаќа вакво зголемување на платите. Во вакви случаи кога синдикалната база не го прифаќа тоа решение, тимот на синдикати треба да го застапува ставот на базата. Во случајов базата не била консултирана туку за проблемот одлучувало раководството и тука настанал проблемот. Ова покажува дека демократијата (во која за решавање на проблемите главен глас има базата) во синдикатите се зема здраво за готово. Во ваков случај кога се разидуваат ставот на базата и раководството потребно е претседателот на синдикатите да ја преземе одговорноста за тоа и да поднесе оставка. Раководството не смее да носи решенија кои не се донесени преку консултација на базата – вели Савевски.
Претседателот на СОНК Јаков Неделков вели дека одлуката за 10% зголемување на платите во јавниот сектор е донесена без да се прифати ставот на КСС во чии рамки има најголем број работници од јавниот сектор, практично без да се почитува мислењето на поголемиот број работници.
– Нашиот став е дека прво треба да се усогласат платите на вработените со зголемувањето на минималната плата во бруто износ од 12,50%, па потоа да се зголемат платите за одреден процент. Да потсетам дека во некои сектори беше направено усогласување со минималната плата и вработените зедоа плус 2.175 денари, што во основа прави голема разлика во основицата за платите во секторите. Следната година е прескокната за усогласување на платите со инфлацијата и зголемените трошоци на живот, а тоа го баравме. Нашето барање беше игнорирано и сега ние сме пред нови преговори за усогласување на платите. Деновиве ќе се сретнеме со двајцата клучни министри за нашите плати – министрите за образование и за финансии, ќе ги презентираме нашите пресметки и ќе видиме каков е нивниот став. Во однос на тоа дали ќе штрајкуваме велам: Ако лани штрајкуваме за исто такво усогласување на платите, зошто не би го направиле тоа годинава – вели Неделков.
Тој додава дека владата не смеела да го игнорира нивниот став бидејќи најголемиот број од вработените, околу 50.000, се членови на СОНК и други синдикати во рамките на КСС.
– Испадна дека во преговорите се слушале само ставовите на „репрезентативниот синдикат“ – ССМ кој во свои рамки има некаде околу 25.000 синдикални членови од јавниот сектор. Но мислам дека одлуката е донесена многу порано и без консултација со базата, затоа ја имаме сега состојбата на незадоволство и во рамки на синдикатите на ССМ – додава тој.
Од синдикатот на УПОЗ, пак, велат дека она што е договорено меѓу синдикатите и владата во врска со зголемувањето на платите, е усогласено и прифатено во нивните органи и тела, и органите и телата на ССМ како репрезентативен синдикат.
– Се изборивме за многу повисоко зголемување на платите од она што го предлагаше владата. Нашето членство го прифаќа договореното, но ние како синдикат бараме институциите да ги почитуваат законите и да ги исплаќаат надоместоците кои им следуваат. И да појаснам, вработените во УЈП и во Царинската управа протестираат за исплата на надоместоците, а не за платите. Освен ова покачување на платите синдикатите треба да се изборат за решенија и на низа други проблеми кои ги имаат вработените во јавниот сектор и нашата борба продолжува натаму по овие прашања. Летниот период не е многу погоден за протести и штрајкување, а од септември ќе видиме што ќе правиме – вели Трпе Деаноски, претседател на синдикатот на УПОЗ.
Одлуката за повисоки плати за 10 отсто и исплата по 10.000 денари К-15 за 2023, која ја прифатија синдикатите на последната средба со владини претставници, треба да биде усвоена на Економско-социјалниот совет и дополнително да влезе во Општиот колективен договор за јавен сектор. Кога тоа ќе се случи не се знае.
Освен процентот за раст на платите и утврдениот регрес за годишен одмор, договорена е и нова методологија за пресметка на платата во која основа ќе бидат просечната плата помножена со коефициент. Таа ќе се применува од март 2025 година.