Илон Маск лансираше компанија за вештачка интелигенција, откривајќи го тимот од инженери со кои сака да создаде конкуренција на апликацијата Чет Џи-пи-ти.
Стартапот ќе биде предводен од Маск, извршен директор на Тесла и сопственик на Твитер, кој претходно неколку пати изјави дека развојот на вештачката интелигенција треба да се паузира и да се регулира.
„Го објавувам основањето на ЕксАИ (xAI) за да можеме да ја разбереме реалноста“, објави Маск на Твитер.
Во тимот на Маск се Игор Бабушкин, поранешен инженер на Дип мајнд, Тони Ву, кој работел за Гугл, Кристијан Сегеди, истражувач на Гугл, и Грег Јанг, кој работел за Мајкрософт.
Маск е единствен директор, а извршен секретар ќе биде Џеред Бирчал, управниот директор на неговата семејна канцеларија.
Новата компанија на Маск е одвоена од неговата компанија Икс, но тесно ќе соработува со платформата Твитер, со Тесла и со други компании.
Милијардерот во април изјави дека ќе воспостави Трут Џи-пи-ти (TruthGPT), вештачка интелигенција која ќе се стреми кон вистината колку што е можно повеќе, за да се натпреварува со Бард на Гугл и Бинг на Мајкрософт.
Генеративната вештачка интелигенција дојде во центарот на вниманието откако ОпенAИ го лансираше популарниот чет-бот Чет Џи-пи-ти во ноември лани, а по него беа лансирани Бард и Бинг.