Делови од јужна Европа и северозападна Африка се зафатени од топлотниот бран „Кербер“ кој во следните денови може да донесе рекордно високи температури. Според најавите, во делови од Шпанија, Франција, Хрватска, Грција и Турција, температурите ќе се искачат над 40 Целзиусови степени.
Метереолозите предупредуваат дека во Италија температурите би можеле да достигнат и до 48 Целзиусови степени. Црвен аларм е објавен за 10 градови, меѓу кои Фиренца и Рим. Регистрирана е и првата жртва од екстремните температури. Италијанските медиуми објавија дека во вторникот како последица од преголемата жештина починал 44-годишен маж во градот Лоди.
„Се соочуваме со неподнослив топлотен бран.Во најжешките часови треба да се преземат сите корисни мерки на претпазливост за да се избегнат трагедии како онаа што се случи денеска во Лоди“, напиша италијанскиот политичар Никола Фратојани на Твитер.
Топлотниот бран „Кербер“ се очекува да донесе екстремни услови во текот на следните неколку дена.
Метеоролошките прогнози најавуваат дека температурите ќе го достигнат врвот во петок, а според „BBC Weather“ големи делови од јужна Европа би можеле да забележат температури над 40 Целзиусови степени. Топлините најверојатно ќе продолжат и во текот на викендот.
Повеќе од 60.000 луѓе починаа во Европа минатата година како последица на жештините. Се стравува дека овој топлотен бран може да однесе уште многу животи ова лето. Европскиот центар за среднорочни временски прогнози објави дека месец јуни годинава бил најтопол досега.
Највисоката температура во Европа од 48,8 степени Целзиусови е забележана во близина на Сиракуза на италијанскиот остров Сицилија во август 2021 година.