АКМИСОТ е во надлежност на ресорното Министерство за правда, кое врши редовни и вонредни контроли на судовите. Доколку се констатирани одредени отстапувања и неправилности, Mинистерството може да изготви извештај и да иницира соодветна постапка, информираат од Судски совет во врска со објавените тврдења на Министерот за правда, Кренар Лога, дека Судскиот совет пет месеци одолговлекува и не презема мерки за утврдување одговорност и санкционирање на ВД претседателката на Основниот суд во Куманово, Снежана Манев, за констатираните злоупотреби на АКМИСОТ.
Од Судскиот совет потсетуваат дека Министерот за правда по функција е член на Судскиот совет без право на глас и за секоја седница добива уредни покани и доколку сака може да учествува во расправата на секоја тема.
„Членовите од Судскиот совет не сакаат да се впуштаат во било каква конфронтацијата со министерот, но укажуваат дека соработката треба да биде директна, конструктивна и во духот на остварување на заедничката цел: независно, професионално и отчетно судство и затоа сметаат дека е несоодветно комуникацијата да се остварува преку медиумите“, стои во нивното соопштение.