Со настап на светски познатата сопранистка Анџела Георгиу од Романија вечерва во 21 часот во Античкиот театар во Охрид ќе биде отворено 63. издание на фестивалот „Охридско лето“.
Георгиу, која се смета за една од најгламурозните оперски ѕвезди на денешнината, ќе настапи заедно со Оркестарот на Националната опера и балет на Република Северна Македонија, под диригентската палка на романскиот диригент Чипријан Теодорашку.
Од дирекцијата на „Охридско лето“ велат дека сѐ е подготвено за почеток на уште едно издание исполнето со прекрасни уметнички креации и уметници кои ќе остават свој белег во фестивалската хроника.
– Од 12 јули до 20 август љубителите на уметноста ќе имаат прилика да уживаат во 34 концерти и седум театарски претстави, а програмата ќе биде збогатена и со балет, изложба на фотографии и промоција на книга. На фестивалските сцени, Антички театар, Долни Сарај, Предворје на Св. Софија, Црквата Св. Софија и Центарот за култура, ќе пречекаме повеќе од 1.000 уметници од повеќе од 20 земји од светот, Србија, Чешка, Италија, Словенија, Полска, Франција, Турција, Израел, САД, Украина, Шпанија, Црна Гора, Грција, Германија, Романија, Португалија, Египет, и секако, уметници од Република Северна Македонија – вели директорката на НУ „Охридско лето“ Наташа Поповиќ.
Пред почетокот на концертот, по традиција ќе биде запален фестивалскиот оган. Фестивалот за отворен ќе го прогласи претседателот Стево Пендаровски, кој е и покровител на оваа најголема музичко-сценска манифестација во земјава и регионот. Ќе се обрати и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Генерален спонзор на „Охридско лето“ е Македонски Телеком, а фестивалот од годинава, во соработка со Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, официјално станува дел од активностите за брендирање на нашата земја како туристичка дестинација.