Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска изјави дека САД не вовеле санкции за директорот на Безбедносно-информативната агенција (БИА) Александар Вулин поради неговата вмешаност во криминал или корупција, туку поради неговиот однос кон Руската Федерација, јави дописникот на МИА од Белград.
– Кокаинот не беше пронајден во кабинетот на Вулин, туку во Белата куќа. Мислам дека е многу важно да се спроведе истрага затоа што тоа е некоја општа статија што ја користат за да напишат нешто. Утре детално ќе зборувам за сето тоа. За неговата позиција и позицијата на државата Србија – рече Вучиќ.
Тој наведе дека неговото прашање е како тоа САД да воведуваат санкции против директорот на Безбедносно-информативната агенција на Србија Александар Вулин, а нема санкции за министерот за внатрешни работи на Косово Џељал Свечља.
– Нема и нема ни да има, знаеме како треба да се создаде рамнотежа – заклучи Вучиќ.
Во соопштението на Министерството за финансии на САД од 11 јули се вели дека „дејствијата на Вулин промовираа корупција во владините институции во Србија“.
„Овие дела вклучуваат користење на неговиот авторитет за лична корист, вклучително и вмешаност во синџир за трговија со дрога. Тој ги искористи своите јавни позиции за да ја поддржи Русија, олеснувајќи ги руските малигни активности кои ја деградираат безбедноста и стабилноста на Западен Балкан и обезбедувајќи и на Русија платформа за натамошно влијание во регионот, се вели во одлуката.