Фудбалската федерација на Македонија в среда ќе има седница на Управен одбор, на која селекторот Благоја Милевски треба да го презентира извештајот за двата порази во јунскиот квалификациски циклус, од Украина (2:3) во Скопје и од Англија (7:0) на „Олд Трафорд“.
Според одредени гласини во јавноста, а согласно поразите, можно е на УО на ФФМ да се разгледува и евентуален отказ за селекторот Благоја Милевски.
Сепак, од федерацијата засега нема никакви најави во пресрет на седницата на Управниот одбор на ФФМ.
– До овој момент од Управен одбор нема никаква информација дека Благоја Милевски веќе нема да биде селектор на македонската фудбалска репрезентација. Кога ќе имаме официјални информации, ќе објавиме – велат од ФФМ.
Дел од медиумите веќе шпекулираат за можните наследници на Милевски на клупата на националниот тим. Се споменуваат имињата на Владан Милојевиќ, човекот кој играше Лига на шампиони со Црвена Звезда е прв пик за нов предводник на репрезентацијата.
Од сите домашни имиња најблиску до промоција е Гоце Седлоски кој веќе на големо работи за да стигне до посакуваната цел. Поранешниот капитен на репрезентацијата и трофеен тренер лани имаше лоша година и три откази во една сезона.
Фудбалската репрезентација на Македонија во квалификацискиот циклус за ЕВРО 2024 досега забележа една победа, против Малта (2:1) и два порази, од Украина дома (2:3) и од Англија на гости (7:0). Во следното коло, на 9.септември, Македонија на домашен терен ја пречекува Италија.