Вработени во Управниот суд во Скопје поднесоа кривична пријава против првиот човек на овој суд Бурим Сејдини поради сомнение за злоупотреба на службената должност. Кривичната пријава до која дојде ТВ Алсат е испратена до Финансиската полиција, Комисијата за спречување на корупцијата, премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска.
Содржината на пријавата првенствено вклучува сомневања за рачна распределба на предметите, иако Сејдини бил должен тоа да го прави преку електронскиот АКМИС систем.
Според анонимните пријави од вработени, Сејдини е осомничен и дека неодамна вработил две лица во судот, но според нив, тоа е спротивно на законот бидејќи се работи за мајка и ќерка и дека во овој случај има конфликт на интерес.
Пријавата содржи и тврдење за намерно застарување на над 190 предмети од 2021 до 2023 година, главно финансиски предмети од Царината и од Управата за јавни приходи.
Неофицијално, нанесената штета на државниот буџет би изнесувала милиони евра. Засега не се знае дали ваква буџетска штета е констатирана и во Финансиската полиција и Антикорупциската комисија.