Германската Влада бара начин како поранешниот министер за транспорт Андреас Шојер да плати барем дел од оштетата во висина од 243 милиони евра, што мора да се исплати на приватна компанија поради неуспешниот план за воведување патарина на автопат.
Шојер, кој беше министер од 2018 до 2021 година, инсистираше на плаќање и покрај предупредувањата од експертите дека е неправедно да се казнуваат возачите од другите земји на ЕУ.
Министерството за транспорт за време на мандатот на Шојер го прекршило Законот за буџет и јавни набавки кога склучило повеќемилионски договори со операторите и „намерно го довело во заблуда“ Бундестагот за реалните трошоци за патарините.
Актуелниот германски министер за транспорт Волкер Визинг за германскиот неделник „Билд“ изјави дека даночните обврзници не треба да ги сносат целата сума на „оваа сериозна политичка грешка“.
– Ние многу внимателно ќе ја разгледаме правната ситуација и внимателно ќе испитаме дали и во колкава сума се можни барања за отштета против Шојер – наведе Визинг.
Шојер е член на конзервативната Христијанско-социјална унија, која е дел од најголемиот опозициски блок во германскиот сојузен Парламент.