Во интервју за телевизијата „Сури“ во Тирана лидерот на Беса Билал Касами изјави вчера дека албанскиот премиер Еди Рама „не треба да прави сцени“ за време на своите посети на Македонија, Косово, или Србија, туку „посериозно да се позанимава со прашањето и проблемите на Албанците во овие држави“, бидејќи за тоа е „обврзан со Уставот на Албанија“.
Ова го пренесе ТВ Сури и на својот интернет-портал во информацијата со наслов „Касами: Рама да ги исполни обврските – декларациите потпишани во Тирана замреа во Македонија“.
Билал Касами остро го критикуваше вчера Еди Рама дека треба да ги исполни задачите, кои произлегуваат за него како премиер на Албанија од неговата заедничка средба со лидерите на албанските партии од Македонија, одржана во Тирана на 10 јануари 2023 година. Потсетуваме: на таа средба се расправаше за „заедничката агенда на патот кон ЕУ, инсистирањето да се внесе бугарското малцинство во Уставот на Македонија, заради спроведување на Договорот со Бугарија, но и за барањето на албанските партии во Уставот да се смени именувањето на албанскиот јазик и да се отстрани формулацијата „20 проценти“.
Договореното од оваа средба е означено како „Тиранска платформа број 2“. На оваа средба во Тирана не присуствуваше тогаш Беса, образложувајќи дека била организирана меѓу Рама и Ахмети, „само за да и се помогне на ДУИ да ги надмине внатрешните проблеми, со кои се соочуваше“.
ТВ Сури ги пренесе нагласките од вчерашното интервју со лидерот на Беса Билал Касами: „Касами ги коментираше посетата на премиерот Рама на Македонија и пречките при спроведувањето на договорот потпишан во Тирана меѓу албанските партии и премиерот.“
– Рама како премиер е добар во глума и знае добро да игра во сцените. Но важно е тоа дека тој треба да се занимава посериозно со прашањето на Албанците не само во Албанија, туку и надвор од земјата. Бидејќи, тој е обврзан и со Уставот на Албанија да се грижи за Албанците насекаде. Но, гледаме поинаква агенда на премиерот Рама и во Македонија и во Косово – рече, меѓу другото, лидерот на Беса Билал Касами во интервјуто за ТВ Сури.
Инаку, од една страна, Касами како лидер на неговата партија Беса го повикува премиерот на Албанија Рама „посериозно да се позанимава со прашањето и проблемите на Албанците во Македонија“ и се залага за целосно спроведување на Бугарскиот договор, со кој, од друга страна, на Македонија и е забранета легитимната грижа за состојбата и правата на домородните Македонци во Бугарија!
Ставот 5 од член 11 на „Договорот за добрососедство со Бугарија“, или поточно кажано, Бугарскиот договор, „Република Македонија потврдува дека ништо од нејзиниот Устав не може и не треба да се толкува дека претставува, или некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Република Бугарија, со цел заштита на статусот и правата на лица, што не се државјани на Република Македонија“. Ова значи во најдиректна смисла дека Македонија се откажа од македонското малцинство во Бугарија. „Францускиот предлог“ и протоколите се скроени токму, за да се „докаже“ дека „не постојат македонски јазик, македонски народ и македонско малцинство во Бугарија“.
На партијата Беса и се најважни „татковската грижа“ на Албанија за сите Албанци насекаде, вклучително и во Македонија, па дури и „бугарското малцинство во Македонија“, да се внесе во Уставот, а апсолутно и се неважни Македонците во Бугарија, за кои не се ни смета дека постојат!