Во Германија и Холандија беа уапсени мажи кои се осомничени дека основале терористичка група во Германија, како и за поддршка на терористичката организација на таканаречената „Исламска држава“ (ИД).
Федералното обвинителство соопшти дека еден е уапсен од Туркменистан, еден од Киргистан и пет од Таџикистан. Тие се осомничени дека влегле во Германија веднаш по почетокот на руската војна во Украина во 2022 година.
Осомничените имале за цел да извршат „напади од висок профил во Германија“ и веќе извидувале цели и се обиделе да набават оружје, пренесува ДВ.
Шест од седумте мажи „собрале пари за ИД од април 2022 година“, соопштија обвинителите, додавајќи дека осомничените „постојано“ испраќале средства за терористичката група во странство.
Во мај, германската полиција изврши рација во наводната мрежа за финансирање на ИД, при што уапси четири лица во Северна Рајна-Вестфалија и три во други покраини.
Полицијата во Холандија уапси и две лица, маж од Таџикистан и неговата сопруга, под сомнение за тероризам.
Двајцата осомничени во Холандија биле „во контакт со повеќе лица кои престојуваат во Германија“, се наведува во соопштението на холандското Јавно обвинителство.
„Истрагата на полицијата доведе до сомнеж дека човекот е припадник на ИД и дека му е наредено да планира терористички напад“, се вели во соопштението.