Сопственикот и претседател на лондонски Милвол, Џон Берилсон (70) загина во сообраќајна несреќа, објави денеска англискиот фудбалски клуб, кој настапува во Чемпионшип лигата, а изминатата сезона беше на чекор до плејофот за пласман во Премиер лигата.
Берилсон, кој е роден во Бостон, зад себе ги остави сопругата Ејми и децата Џенифер, Џејмс и Елизабет. Детали од несреќата не се познати, а англиските медиуми јавија дека станува збор за „трагична несреќа“.
„Со колективно скршено срце и најдлабоко жалење ја објавуваме смртта на нашиот сакан сопственик и претседател, Џон Берилсон. Беше навистина голем човек, неверојатно посветен на своето семејство и личност со широка душа, топлина и добрина. Живееше исполнет живот, полн со бои и радост. Под негово водство Милвол постигна огромен успех и стабилност“, соопшти клубот од Лондон.
Американскиот бизнисмен првпат се вклучи во клубот од Чемпионшип со седиште во југоисточен Лондон во 2006 година. Го презеде кога клубот испадна во третата лига, а изминатите години Милвол беше стабилен второлигаш.