Македонските фудбалери со прикажаната игра против Италија ги освоија срцата на сите на Балканот, дури и пошироко. Честитки пристигнуваа од сите страни, а сега речиси сите ги стегаат палците за нашите момци против фаворизираната селекција на Португалија.
Токму една ваква порака за поддршка се појави на социјалните мрежи, а пристигнува од соседна Србија. Еден корисник на социјалната мрежа Твитер на својот профил постави видео, а во описот напиша:
– Нека сѐ повтори вечерва, додавајќи српско и македонско знаме и детелинка за среќа.
Инаку видеото е од последниот квалфицикациски мундијалски натпревар од групата А, каде што во директна пресметка помеѓу Србија и Португалија се одлучуваше која репрезентација ќе оди директно во Катар, а која ќе игра бараж.
На средбата која се одигра во Лисабон, домаќинот Португалија поведе во втората минута со голот на Санчез, а Тадиќ израмни за 1-1 во 33 минута. Во последната минута од регуларниот дел Александар Митровиќ постигна погодок кој ја однесе Србија директно во Катар, па корисникот на Твитер со овој погодок ни посакува и ние да се радуваме и да и нанесеме уште еден болен пораз на Португалија.
Доколку натпреварот се одвива по ваков тек, нѐ очекуваат нови инфарктни 90 минути, но љубителите на фудбалот во Македонија, но и во регионот се подготвени за нова прослава и пласман на нашата репрезентација на првото светско првенство во фудбал.