Палестинското исламистичко движење Хамас ја презеде одговорноста за нападот со возило врз група луѓе во Тел Авив и соопшти дека тоа е одмазда за големата израелска операција на Западниот Брег.
Во нападот беа повредени 8 лица, а најмалку 5 се во тешка состојба, соопштија од двете болници кои ги примија повредените. Еден 20-годишен палестински напаѓач, со потекло од окупираниот Западен Брег, вчера влета со возилото во група луѓе, а потоа го продолжил нападот вооружен со нож.
Напаѓачот бил убиен од вооружен цивил, соопшти полицијата.
Израелската безбедносна агенција Шин Бет соопшти дека напаѓачот влегол во Израел без дозвола и не им бил познат на израелските власти.
Хамас тврди дека напаѓачот бил еден од неговите членови и дека нападот бил „чин на самоодбрана среде актуелниот ционистички масакр во Џенин“.
Израелскиот министер за полиција, Итамар Бен-Гвир, дојде на местото на нападот во Тел Авив и го повтори својот повик до граѓаните да носат оружје за да се одбранат во улични напади.
-Кога Израел ја почна својата активност во Џенин, знаевме дека тероризмот ќе се обиде да се закани – рече тој.
Во операцијата на израелската армија, пак, во бегалскиот камп Џенин убиен е еден израелски војник, соопшти денеска армијата која почна да ги повлекува своите сили од северниот дел на Западниот Брег по дводневната голема операција во која беа убиени 12 Палестинци.
Истовремено, израелската армија соопшти дека од Појасот Газа врз Израел биле истрелани пет ракети, но тие биле успешно пресретнати.
„Пет ракети беа истрелани од Појасот Газа кон израелска територија. Системот за противвоздушна одбрана на израелската армија успеа да го пресретне целиот ракетен оган“, се наведува во соопштението на армијата.