Внукот на Али Ахмети со фирмата која ја купи Соравија, работи на Коридор 8 и на други патишта, и притоа се крие како подизведувач – обвини Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес конференција, повикувајќи се на документи доставени од свиркачи.
– Во документите кои стигнаа до нас од страна на свиркачи, а се анализа на банката на фирмите на Ахмети, е наведено дека „Тор Индустриес” е формирана во 2020 година за да учествува во големите градежни проекти кои се планирани во Македонија.
Дрин Ахмети со „Тор Индустриес“, заедно со уште една фирма од кланот од Зајас, за која ќе зборуваме деновиве, е вклучен во изградба на Коридор 8. Договорот кој го имаат двете фирми е 1.3 милиони евра за ископ и други градежни работи.
Кога голем број фирми едвај наоѓаат работа, фирмата на Дрин е најпосакуван партнер и дежурен подизведувач, на многу поголеми фирми. Дали зад тоа се крие Ахмети и дали има трговија со влијание – праша пратеникот Ковачки.
Тој посочи дека ова се мултимилионски бизниси, од кои дебело се профитира, и затоа јавното обвинителство не смее да биде само нем набљудувач.
– Покрај на Коридор 8, како „Тор Индустриес” на внукот на Али, Дрин Ахмети е вклучена и во изградба на патот од Кичево до Дебар, поточно делница Извор – Гарски мост. Исто како и на Коридор 8, така и на оваа делница внукот на Али Ахмети е вклучен со уште една фирма од кланот Зајас, а средствата кои треба да ги инкасираат, според документите доставени до нас од свиркачи се помеѓу 6 и 9 милиони евра.
Потенцираме дека очекуваниот приход од 6 до 9 милиони евра, пред банката на „Тор Индустриес” е изнесен токму од Дрин Ахмети, и тоа е заведено во анализата на банката.
Дали по истиот модел „Тор Индустриес” ќе продолжи со изградба на новите делници од Коридор 8, и дали ЈО ќе продолжи да биде нем набљудувач?
Додека Ахмети е пратеник и лидер на ДУИ неговите внуци профитираат од зделки со државата како подизведувачи на други фирми. Мислејќи дека ќе го избегнат окото на јавноста се кријат како втора рака, заборавајќи дека трагата на парите секогаш води до главата на шемата. А, главата е семејството Ахмети.
Со сегашното ЈО кланот од Зајас е заштитен, но одговорност ќе има по промената на власта, кога секој ќе треба да го докаже имотот кој што го стекнал – рече Ковачки.