Посмртните останки на првиот претседавач со АСНОМ и македонски револуционер Панко Брашнаров да бидат вратени од Хрватска во Македонија, односно во родниот Велес.
Иницијативата што вчера едногласно ја усвои Советот на Општина Велес, по предлог од советничката група на Левица.
„Панко Брашнаров, човекот кој беше генерација и соученик на велешките гемиџии, беше сведок на двата Илиндена, целиот се посвети на ослободувањето на Македонија и голем дел од својот живот го помина по затвори. Поради својот патриотизам и идеализам и поради својата борба за македонската кауза, остана патриот, вљубеник во Македонија, без свое семејство и потомство“ – велат иницијаторите во својата објава на Фејсбук
Иницијативата подразбира реализација на низа мерки и активности со кои ќе се овозможи враќање на посмртните остатоци на првиот претседавач со АСНОМ Панко Брашнаров од Хрватска во Македонија, односно во родниот Велес.
Панко Брашнаров умрел на островот Голи Оток на 13 јули 1951 година каде бил донесен еден месец претходно на отслужување казна „општествено полезна работа во траење од 24 месеци“. Долго време не се знаеше каде се погребани неговите посмртни останки.
Во септември 2011 година новинарска екипа од Македонија, составена од новинарите Владимир Тевчев и Александар Кукулев и снимателот Данчо Стефков, успеа да го пронајде гробот на Брашнаров на градските гробишта Мирогој во Загреб.
Неговите посмртни останки доживеале две есхумации. Во 1953, две години по неговата смрт на Голи Оток, тој е погребан на загрепските гробишта. Во 1971 година е есхумиран во заедничка гробница, во близина на првото гробно место, а во почетокот на осумдесеттите, неговите коски, заедно со коските на уште неколкумина негови современици се преместени на необележана гробна парцела, на крајот на гробиштата.
Семејството на Брашнаров со години бара да се изврши идентификација на останките и тие да бидат пренесени во Велес. Роднините велат дека се подготвени да дадат примероци за ДНК анализа за да изврши идентификацијата.
Панко Брашнаров, народниот трибун и борец за социјални права, кај велешани е познат како народниот учител, а целиот живот го посветил во борбата за македоснката кауза. Тој бил социјалист, член на КПЈ и делегат на конгресот во Виена во 1926, член на првиот основачки конгрес на ВМРО (Обединета). Како најстар учесник тој го отворил првото заседание на АСНОМ.
Роден е во Велес во 1883 година. Во родниот град завршил Егзархиска прогимназиjа, а потоа школувањето го продолжил во Машкото педагошко училиште во Скопје. Работел како учител во кумановските села, каде почнува да ги шири првите револуционерни идеи. По Младотурската револуција се зачленил во Народната федеративна партија. До почетокот на Балканските војни работи како егзархиски учител. Уште пред Балканските војни учествува во работата на Социјалистичката организација во Велес, која е дел од Македонско-одринската социјалдемократска група на членовите на Бугарската работничка социјалдемократска партија. Соработува во органот на Васил Главинов, „Класно сознание“.
По балканските војни, во 1914 година пребегал во Бугарија. Завршил Виши педагошки курс на Егзархијата во Пловдив во 1915 година. За време на Првата светска војна бил воjник во Единаесетта пешадиска македонска дивизија на бугарската војска и бил испратен на фронтот кај Дојран.
По Првата светска војна, во 1919 година Брашнаров се враќа во Вардарска Македонија. Србите му нудат да работи како учител, но тој одбива. Работел како воденичар, градинар и крчмар. Станал член на Комунистичката партија на Југославија. Во текот на дваесеттите години учествува на повеќе конференции и конгреси на КПЈ.
На основачкиот конгрес на ВМРО (Обединета) во октомври 1925 година е избран за член на нејзиниот прв централен комитет. Во август 1926 година е уапсен и во април 1927 година е осуден на две години затвор. Од затвор излегува во февруари 1928 година. Кон крајот на мај 1929 година, на пат за конгресот на ВМРО (Обединета) во Берлин, е уапсен на југословенско-австриската граница. По настанатата голема провала на ВМРО (Обединета) во Вардарска Македонија на 5 јули 1929 година, Брашнаров е спроведен назад во Велес. На судењето во јуни 1930 година тој е осуден на пет години робија и доживотно губење на граѓанските права. Затворен е во затворот во Сремска Митровица. По излегувањето од робија, политички се повлекува.
По окупацијата на Македонија од страна на Бугарија во текот на Втората светска војна, Брашнаров бил член на Бугарскиот централен акционен комитет, а потоа повторно станува бугарски учител. Од 1943 година се поврзува со партизаните. Во мај 1944 година преминува на слободна територија и станува член на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. Како најстар делегат го отвора Првото заседание на АСНОМ. На него е избран за потпретседател на Президиумот на АСНОМ. На 6 август е избран за повереник за информации во Президиумот на АСНОМ.
Брашнаров е уапсен на 11 декември 1950 година и на 29 јуни 1951 е осуден на „општествено полезна работа во траење од 24 месеци.“ Во првите денови од јули е испратен во логорот на Голи Оток, каде што набрзо, на 13 јули, умира.