More

    Земјоделците бараат независно тело да ги формира цените

    spot_img

    Земјоделските здруженија бараат да се востанови практика независна институција, како Институтот за земјоделство или одделни катедри на Земјоделскиот факултет, пред почеток на производната година да ја утврдува производната цена на одделни култури. Тоа велат, ќе им помогне на земјоделците да го планираат производство и приходите.

    Со идејата за утврдување на производната цена за секој земјоделски производ се согласуваат и од комисијата за земјоделство на ВМРО-ДПМНЕ од каде што велат дека тоа ќе им помогне за земјоделците да ја имаат долната граница од која не би требало да се откажат при утврдувањето на откупната цена, а на државата ќе ѝ помогне правилно да го користи интервентниот фонд и да го одржува земјоделското производство на потребно ниво.

    Идејата за ова ја даде деновиве Мрежата на индивидуални земјоделци која најави дека ќе побара од владата однапред да се формира откупна цена на земјоделските производи. Мрежата бара и утврдување на откупна цена за пченицата од 20 денари по килограм за годинава, а и да се вратат субвенциите за оризов семенски материјал.

    – Производна цена, заштитна и економски оправдана цена. Доколку тие барања не ги исполнат ние ќе стапиме во генерален штрајк. Ќе им дадеме рок од седум дена. Овој пат нема да одиме во Скопје, да дојдат овде и да се договориме – изјави за медиумите Здравко Арсов од Национална мрежа на индивидуални земјоделци.

    И од Асоцијацијата на земјоделци сметаат дека е добро на ниво на држава да се формира производна цена на одделни земјоделски култури.

    – Идејата е добра и прифатлива бидејќи земјоделците ќе знаат која е производната цена на одделна култура и ќе можат да планираат која култура да ја сеат секоја сезона. Ние и самите знаеме која е производната цена бидејќи ги имаме сите трошоци и работната рака, но кај полјоделските култури кои имаат берзанска цена проблем е што никој не ја прифаќа производната цена во пресметките при утврдување на откупната цена, а трудот на земјоделците никој и не го става во пресметките – вели претседателот на Асоцијацијата Петре Стојкоски.

    Според него, во моментов се преговара за откупната цена на пченицата, а каков ќе биде исходот од тоа, ќе се знае пред жетвата.

    Ристо Велков од Синдикатот на земјоделци смета дека идејата е тешко остварлива, но вели дека формирањето производна цена пред продажба на одделни култури ќе ја отслика целата производна година за една култура.

    – Можеби за полјоделските култури може да се искалкулира однапред некаква производна цена, бидејќи се знае како тече сеењето, прихраната и жетвата, но за градинарството и другите култури тоа ќе биде потешко бидејќи пресметките можат да бидат неточни. На почеток на производна година за овие култури не може да се предвиди колку ќе потроши земјоделецот бидејќи климатските промени прават во одделни години да се употребуваат повеќе ѓубрива или повеќе заштитни средства. Затоа е многу подобро производната цена да се формира пред пласманот на земјоделските производи. Тоа ќе биде сигурност за земјоделците при преговорите за формирање откупна цена да ја знаат долната граница. Тие и сега ја знаат производната цена, но кога ќе дојде до откупот и продажбата на културата како ништо да не важи бидејќи откупувачите имаат други калкулации – вели тој.

    Моменталната состојба со формирањето на откупната цена е според пазарните услови или берзанската цена за одделни производи, па така се случува откупната цена да биде пониска од производната што секоја година одвраќа голем број земјоделци од идејата да продолжат да произведуваат.

    За формирање производна цена на секој земјоделски производ се залага и Цветан Трипуновски, претседател на комисијата за земјоделство на ВМРО-ДПМНЕ. Според него, ова е значајно за државата за да може да планира како ќе интервенира во години кога ќе има непосакувани ситуации.

    – Оваа цена може да ја формира не само Институтот за земјоделство, туку и некои оддели на Земјоделскиот факултет кои се занимаваат со пресметки. Утврдувањето на производната цена ја прават и самите земјоделци, но при утврдувањето од страна на независна институција тоа би значело можност земјоделците да преговараат за цена повисока од производната. Тоа ќе биде и многу значајно за државата, која треба да го активира интервентниот фонд кога има непредвидени ситуации во земјоделството – вели Трипуновски.

    Според него, годинава една таква состојба беше кога берзанската цена на пченицата падна под производната цена.

    – Државата мора да го искористи интервентниот фонд правилно и да ја покрие разликата меѓу производната и крајната цена на производот за да даде сигнал дека е на страната на земјоделците и планира да го зголеми или зачува земјоделското производство – вели Трипуновски.

    Тој смета дека за земјоделците годинава ќе биде една од потешките бидејќи и цените на другите производи во оваа гранка се променливи и не соодветствуваат на трошоците направени при производството.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img