Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи, денеска во Скопје оствари средба со шефовите на Мисиите на ОБСЕ во Србија, Косово и во Скопје, амбасадорите Јан Брату, Мајкл Девенпорт и Килиан Вал.
Состојбата на северот на Косово и односите помеѓу Белград и Приштина беа во фокусот на средбата. Османи пред амбасадорите на ОБСЕ го презентираше планот од 9 точки кој треба да помогне за деескалација на состојбата и да придонесе за постигнување траен мир и стабилност, како и за враќање на косовските Срби во институциите и во демократските процеси.
– Охрабрувачки е да се слушнат нивните мислења за потенцијалните перспективи на планот за деескалација на ситуацијата што како Претседавач со ОБСЕ го претставив. Понудениот патоказ поттикнува атмосфера на дијалог и соработка – рече Османи на средбата.
Тој пред шефовите на Мисиите на ОБСЕ во Србија, Косово и во Скопје ги претстави и приоритетите на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ фокусирани на Југоисточна Европа. Овие приоритети се насочени кон зајакнување на довербата, борбата против корупцијата и климатска акција.
– Од особено значење е помирувањето како клучен приоритет чекор напред кон постигнување траен мир и соработка во регионот – рече Османи.