Убиството на Нахел М., 17-годишник од градот Нантер во близина на Париз, предизвика насилни протести низ Франција. Нахел бил единствено дете кое го одгледала неговата мајка Мунија, со која живеел. Неговиот татко не бил дел од неговиот живот.
Нахел работел како доставувач на храна и играл рагби за клубот Пиратите од Нантер. Студирал за да стане електричар во училиште во Суренес, но ретко посетувал предавања. Тој немал криминално досие.
Убиството се случило во вторникот рано наутро, околу девет часот, кога Нахел бил застрелан во градите од непосредна близина додека бил зад воланот на Мерцедес, откако се обидел да избега при полициска сообраќајна контрола.
Според неговото семејство и познаници, Нахел бил „љубезен, добар млад човек“. Неговата мајка Мунија рече: „Што ќе правам сега? Му посветив се. Тој беше мојот живот, мојот најдобар пријател“.
Како што пренесува Индекс, Нахел ги поминал последните три години играјќи рагби за клубот „Пиратите од Нантер“ како дел од програмата за интеграција на тинејџери со потешкотии на училиште, која ја водел здружението Ovale Citoyen. Целта на програмата е да им обезбеди можности на младите од сиромашните области, овозможувајќи им да се фокусираат на професии како што се електричари.
Џеф Пуч, претседател на Ovale Citoyen, беше еден од возрасните кои најдобро го познаваа и го опишаа како „млад човек кој го користел рагбито како средство за преживување“.
Се знаеше дека семејството на Нахел има алжирско потекло. По неговото убиство, еден млад човек од друг француски регион рече: „Полициско насилство се случува секој ден, особено ако сте Арап или црнец“. Сепак, семејниот адвокат Јасин Бузру истакна дека „не се работи за расизам, туку за правда“.