Најистакнатите руски генерали исчезнаа од очите на јавноста по неуспешниот бунт на платениците од групата „Вагнер“, чија цел беше соборување на рускиот државен врв, додека Владимир Путин се обидува повторно да ја афирмира својата власт.
Според непотврдени извештаи, најмалку едно лице е уапсено, пишува Ројтерс. Началникот на Генералштабот на вооружените сили, генерал Валериј Герасимов, не се појави во јавноста или на државната телевизија откако во саботата заврши бунтот на Вагнер.
Платеничкиот водач Евгениј Пригожин првично бараше предавање на Герасимов, но од 9 јуни тој не беше споменат во соопштенијата за печатот на руското Министерството за одбрана.
Герасимов (67) е главен командант на руските сили во Украина и носител на една од трите руски „нуклеарни актовки“, според некои западни воени аналитичари.
Го нема ни Суровикин или „Генерал Армагедон“
Не се појавува ниту генералот Сергеј Суровикин, кој руските медиуми го нарекоа „Генерал Армагедон“ поради неговата агресивна тактика во Сирија. Тој е заменик командант на руските сили во Украина.
„Њујорк тајмс“ во вторникот, врз основа на брифингот на американските разузнавачки информации, објави дека Суровикин знаел дека бунтот на Вагнер ќе се случи, па властите проверуваат дали тој е соучесник.
Во средата, Кремљ ја намали важноста на тој извештај, велејќи дека ќе има многу шпекулации и претпоставки.
Американски официјални лица во средата за Ројтерс изјавија дека Суровикин го поддржува Пригожин, но дека западните разузнавачки служби не знаат со сигурност дали тој на некој начин го помага бунтот.
„Москва тајмс“ на руски јазик и еден воен блогер го пријавија апсењето на Суровикин, додека некои други воени новинари со голем број следбеници во Русија рекоа дека тој и другите високи офицери биле испрашувани од безбедносната служба ФСБ за да се провери нивната лојалност.
Бунтот на „Вагнер“ како изговор за масовна чистка
Влијателниот канал на Телеграм, Рајбар, управуван од поранешен офицер за печат на руското Министерство за одбрана, објави дека чистката е во тек.
Рајбар вели дека властите се обидуваат да го елиминираат воениот персонал за кој се смета дека покажал „нерешителност“ во задушувањето на бунтот бидејќи делови од вооружените сили, наводно, направиле малку за да ги запрат борците на Вагнер во раните фази на бунтот.
„Вооружениот бунт на приватната воена компанија Вагнер стана изговор за масовна чистка во редовите на руските вооружени сили“, истакнува Рајбар.
Таквиот потег, доколку биде потврден, може да го промени начинот на кој Русија ја води војната во Украина и да предизвика немири во руските редови додека Украина подготвува контраофанзива. Може да бидат унапредени други високи офицери и членови на безбедносниот апарат за кои се верува дека се лојални. Од Министерството за одбрана официјално не коментираат што се случува.
Победници и губитници
Некои руски и западни воени и политички аналитичари веруваат дека министерот за одбрана Сергеј Шојгу, долгогодишен сојузник на Путин, кого Пригожин сакаше да го собори заедно со Герасимов поради неговата наводна неспособност, сега може да биде посигурен во својата работа.
„Мислам дека Пригожин всушност, очекуваше дека ќе се направи нешто за Шојгу и Герасимов, дека Путин ќе пресуди во негова корист. Наместо тоа, неговиот бунт можеби му обезбеди продолжен мандат на Шојгу и покрај тоа што беше универзално признаен како неспособен и широко омразен во вооружените сили на Руската Федерација “, напиша на Твитер Мајкл Кофман, воен експерт за Русија.
Генералот Виктор Золотов, шеф на Националната гарда и поранешен телохранител на Путин, се чини дека е уште еден победник. Тој јавно кажа дека неговите луѓе се подготвени да загинат за да ја одбранат Москва од „Вагнер“.
Золотов зборуваше за можноста за набавка на тешко оружје и тенкови за своите сили по бунтот. Герасимов беше отсутен во вторникот кога Путин ѝ се заблагодари на војската што спречи граѓанска војна, за разлика од Шојгу, кој оттогаш има неколку јавни настапи.
Суровикин, заменикот на Герасимов, последен пат беше виден во саботата кога се појави на видео во кое го повикува Пригожин да го прекине бунтот.
Генералот без чинови
Изгледаше исцрпено и не беше јасно дали зборува под принуда. Според експертите, видеото на Суровикин како држи автоматско оружје во скутот е чудно.
„Пред неколку дена забележав дека нешто не е во ред, не му се гледаат ознаките и чиновите, повеќе од 30 години во војска и ги нема?, напиша воената аналитичарка Дара Мејсикот на Твитер.
Во средата вечерта, од руските медиуми и блогери се појавија непотврдени извештаи дека Суровикин бил задржан во московскиот притвор Лефортово откако бил уапсен.
Добро упатени извори тврдат дека Суровикин не бил во контакт со неговото семејство од саботата и дека неговите телохранители исто така молчеле.
Пригожин, кој со месеци ги критикуваше Герасимов и Шојгу за нивната наводна неспособност во војната против Украина, често го фалеше Суровикин, кој е многу почитуван во војската поради неговото искуство во Чеченија и Сирија.
Суровикин, кој беше врховен командант на војната во Украина пред Герасимов, западните воени аналитичари го сметаат за многу поефективен генерал и понекогаш беше споменуван од руските воени известувачи како потенцијален иден министер за одбрана.
Лоренс Фридман, почесен професор по воени студии на Кралскиот колеџ во Лондон, рече дека смената на Суровикин, доколку е вистина, може да ги дестабилизира руските воени напори повеќе отколку востанието во саботата, „особено ако се исчистат другите соработници на Пригожин/Суровикин“.
„Суровикин е , но тој е и еден од поспособните руски команданти“, напиша Фридман на Твитер.