Не можам јас да му кажам на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко дали да си поднесе оставка од функцијата, бидејќи тоа е лична работа, рече собранискиот спикер Талат Џафери на денешниот брифинг со новинарите.
Тој одби да одговори дал и тој доколку се најде на црната листа би си поднел оставка од функцината, па како што истакна: „ако се случи такво нешто, тогаш ќе му ја мислам“.
– За статусот на Мерко, тоа е негова лична работа. Тој се изјасни дека ги става во мирување партиските активности. За неговата градоначалничка функција не сакам да коментирам, бидејќи се работи за друга власт. Јас сум претседател на Собрание и не можам да сугерирам кој и што треба да прави. Тој е избран на избори и одговара пред гласачите – рече Џафери.
Во однос на уставните измени, спикерот рече дека Собранието во секој момент е подготвено да ја започне постапката.
– Од моментот кога тие ќе бидат доставени до Собранието од предлагачот до моментот на утврдување на потребата за промена на Уставот потребни се 30 дена. Засега нема најава кога уставните измени би можеле да влезат во собраниска процедура. Собранието секако е подготвено во секој момент како ќе постапат овластените предлагачи, надлежните институции ние сме подготвени да постапиме според процедурите и роковите во Деловникот – изјави Џафери по средбата со новинарите.
Претседателот на Собранието е дециден дека пратениците се во постојано заседание така што дури и да треба да се гласа во август за утврдување на потребата за уставни измени, за нив нема да има никаква пречка.
– За Собранието нема никаква пречка ни август, ни јули, ни септември – рече Џафери.
Од приемот на материјалите до гласањето се потребни 30 дена затоа што максимум 10 дена треба да работи Уставната комисија, чиј што претседател е Џафери, и со работа треба да заврши осум дена пред денот утврден за гласање.
– На седницата на којашто ќе биде на дневен ред потребата за уставни измени, дебатата трае максимум десет дена – објасни Џафери.
На 18 јули Собранието веќе има закажано нова седница, но претседателот на Собранието потенцира дека за уставните измени ќе треба да биде закажана нова седница.
Во однос на наводите дека вицепремиерот Бојан Маричиќ им се јавувал телефонски на пратеници од опозицијата, Џафери вели дека никој не може никого да го спречи да се јави некому, но, сепак, посочува дека влијание е недопустливо, кога се пратеници во прашање.
За законите за матична евиденција и за родова еднаквост, претседателот на Собранието вели дека такви какви што се нема да добијат поддршка од него како пратеник на ДУИ.
– Секогаш пред да поднесат некој закон им укажувам на пратениците дека треба да го погледнат членот 135 од Деловникот и да направат проценка што би можело да предизвика нивниот предлог во јавноста. Ова не е само закон – вели тој и додава: „и ако е за Европа, ова е последното нешто што треба да се направи за Европа“.
Со законското решение за измени на матичната евиденција неколку пратенички од ДОМ и од СДСМ предлагаат секој граѓанин со наполнети 18 години, кој е деловно способен, и кој не е во брак да има право на правно признавање на родот. Тоа би се правело со поднеување на барање што би се пополнило на нотар.