Не знам дали забележувате, ама ние сме едно од најтолерантните општества во Европа и во светот во поглед на прифаќањето на ЛГБТ+ заедницата, а доказ за тоа е минатонеделната Парада на гордоста која успешно се одржа во главниот град и никој не се ни обиде да ја попречи. И ние како Црква не сме насочени против никого, туку само против содржината на предлог-законите за родова еднаквост и за матична евиденција.
Вака епископот стобиски г. Јаков од Македонската православна црква (МПЦ-ОА) ја започна денешната прес-конференција во пресрет на сенародниот протест кој ќе се одржи в четврток, а на кој се повикани да излезат граѓаните кои се против „менување на реалноста“.
– Како прво, протестот не е насочен против никого, туку само против содржината на предлог-законите, односно против новиот контекст што му се дава на поимот род и новите ознаки за пол. Го повикуваме народот масовно да излезе в четврток во 18 часот и да го искаже својот став. Овој израз на црквата сосема погрешно се толкува во јавноста, а всушност црквата е многу повеќе од институција. Покрај повикот, би сакал да кажам дека ние како организатори на протестот се оградуваме од било какви злоупотреби и не прифаќаме говор на омраза и било какви безобразни скандирања. Ќе протестираме за да спречиме правата на мнозинството да бидат загрозени на сметка на правата на поединци или групи. Ова што се случува со предлог-законите е класична диктатура – изјави г. Јаков.
Тој го впери прстот кон невладините организации.
– Во однос на правата на ЛГБТ+ популацијата, нашата држава е една од најтолерантните кон таа заедница. Дали сте забележеале протести или попречување од Црквата? Видовме успешна парада, како што ретко има во соседството. Во однос на парадата, тоа се исти луѓе од невладини организации коишто се платени и кои добиваат пари под плаштот на борба за човекови права. Тие паради се злоупотребуваат да се испратат пораки на омраза кон Црквата. Никој нема право да биде линчуван, да биде осудуван или осрамотуван заради свој став или начин на живот. Слободата е неприкосновено право и најголемиот дар кој што Бог му го дал на човекот – тоа е менталитетот на Црквата – рече г. Јаков.
Протестот ќе се одржи в четврток во 18 часот, а збирното место ќе биде пред Соборниот храм.