Претседателот на САД Џо Бајден во понеделникот рече дека Соединетите држави и НАТО немаат никаква улога во краткотрајниот бунт во Русија од страна на платеничките сили на групата „Вагнер“. Тој рече дека е „премногу рано“ да се процени влијанието на овој настан врз војната во Украина.
Бајден рече дека одржал видео-повик со сојузниците во текот на викендот и дека сите тие се синхронизирани во работата за да се осигураат дека ќе му дадат до знаење на рускиот претседател Владимир Путин дека „нема оправдување да го обвинуваат Западот“ или НАТО.
– Јасно кажавме дека не сме вклучени. Немавме никаква врска со тоа. Ова беше дел од борбата во рускиот систем – рече Бајден.
Тој исто така разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски во текот на викендот за ситуацијата и рече дека има намера повторно да разговара со него доцна во понеделник или рано во вторник.
Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жозеп Борел изјави денеска во Луксембург дека Русија прво беше закана затоа што беше силна, а сега претставува ризик, затоа што ѝ се заканува нестабилност.
Минатиот викенд имаше „прекинат вооружен бунт“ во Русија, рече Борел по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.
– Овие настани покажаа дека руската држава и личниот кредибилитет на (претседателот Владимир) Путин се ослабени, во најмала рака идека политичкиот систем покажува пукнатини. Русија прво беше закана затоа што беше силна, а сега е ризик бидејќи може да стане нестабилна – изјави шефот на дипломатијата на ЕУ.
Борел додаде дека заклучокот од министерската дискусија е многу јасен, а тоа е да продолжи да ја поддржува Украина повеќе од кога било досега. Тој рече дека европската мисија за обука на украинската армија оди многу добро, досега се обучени 24 илјади војници и дека првично поставената цел од 30 илјади обучени војници до крајот на оваа година ќе биде исполнета многу порано.