Со месеци конфликтот меѓу шефот на паравоената група „Вагнер“, Евгениј Пригожин и руското воено раководство тлее во заднина – сега ескалираше. Кои се најважните играчи?
Евгениј Пригожин
Тој е клучната фигура во сега ескалирачкиот судир. Шефот на платеничката, паравоена група „Вагнер“ претходно важеше за еден од најблиските луѓе на Путин. Неговата група не само што се бореше во руската агресорска војна против Украина – особено во и околу градот Бахмут – туку се бореше и во Сирија и на африканскиот континент во последниве години. Но, очигледно блиските односи меѓу Пригожин и раководството во Кремљ претрпеа потреси во последниве месеци: шефот на „Вагнер“, кој всушност се смета за недопирлив и е човек од доверба на Путин, неодамна постојано го критикуваше руското воено раководство за поразите во војната во Украина. Тој, исто така, долго време се залага за ново воено раководство, објави Дојче веле.
Од петокот (23.06) дојде до целосна ескалација: Пригожин го обвини военото раководство, особено неговиот главен непријател, министерот за одбрана Шојгу, дека го лажел рускиот народ за причините за војната во февруари 2022 година. Редовните руски трупи ја нападнале групата „Вагнер“, обвини Пригожин.
Во денешното вонредно телевизиско обраќање до нацијата, рускиот претседател Владимир Путин ги опиша платениците на „Вагнер“ како „предавници“ кои „неизбежно ќе бидат казнети“. Шефот на „Вагнер“ пак возврати дека Путин длабоко греши кога ги нарекува предавници и оти војниците на „Вагнер“ се патриоти. Тој порача дека од нив нема да се предаде по наредба на претседателот. Дали е ова конечен раскол меѓу Путин и Пригожин?
На поранешниот „кувар на Путин“ сега му се заканува затворска казна до 20 години, откако тајната служба ФСБ покрена истрага против него за поттикнување на вооружен бунт. Експертите велат дека ова би значело крај на платеничката група.
Сергеј Шојгу
Тој е министер за одбрана на Руската Федерација од 2012 година и затоа е еден од главноодговорните за агресијата на која Украина е подложена од 2014 година и во уште поголема мерка од 24 февруари 2022 година. Поради тоа , тој е обвинет за бројни воени злосторства. Тој е номинално најважниот човек на Путин – сомнително е до кој степен поранешниот миленик на Кремљ сè уште ја ужива довербата на рускиот автократ. Имено тој можеше да ги прогласи за успех окупацијата на Крим во 2014 година и учеството на Русија во Сирија, но неговиот углед опадна со воената агресија во 2022 година.
Јавна тајна е дека Путин поинаку го замислил нападот врз цела Украина. Неговите односи со Евгениј Пригожин се особено наппрегнати. Шефот на платеничката група „Вагнер“ постојано го обвинише Министерството за одбрана за недостиг на муниција. Пригожин, исто така, верува дека Шојгу следи лични цели во војната во Украина и дека го доведува во заблуда претседателот Путин за фактичката ситуација. Сега, обвинувањата на Пригожин против министерот за одбрана кулминираа со тоа што го обвини дека го лажел рускиот народ за вистинската причина за инвазијата на Украина.
Валериј Герасимов
Началникот на Генералштабот на Русија во јануари 2023 година ја презеде командата на руските вооружени сили во Украина од Сергеј Суровикин. Тој е одговорен и за организирање на воената операција во Сирија. Откако Шојгу беше назначен за министер за одбрана, тој дојде на функцијата како човек од доверба на Шојгу. Герасимов, кој потекнува од Република Тартастан, како началник на Генералштабот на руската армија е всушнот и прв заменик на Шојгу.
Гневот на шефот на Вагнер, Пригожин, е насочен не само кон Шојгу туку и кон Герасимов: Пригожин ги обвинува и двајцата за неспособност и за загубите за време на инвазијата врз Украина. Денеска, откако рече дека ги зазел воените објекти во Ростов и Воронеж, Пригожин се закани дека ќе маршира кон Москва доколку министерот за одбрана Сергеј Шојгу и началникот на Генералштабот Валериј Герасимов не дојдат кај него.
Сергеј Суровикин
Досега Суровикин, заменик началник на Генералштабот на руската војска, се сметаше за сојузник на Пригожин. Од октомври 2022 година до јануари 2023 година тој беше командант на руските вооружени сили во Украина пред да биде заменет од Валери Герасимов. Меѓутоа, од ескалацијата на конфликтот, тој очигледно му го сврте грбот на шефот на групата „Вагнер“.
Суровикин во видео порака го повика Пригожин да стави крај на борбата за власт. „Непријателот само чека да се влоши нашата домашна политичка ситуација“, рече Суровикин во видео пораката во петокот вечерта (23 јуни 20223). Генералот Суровикин сега повика на починување на „волјата и наредбата на претседателот на Руската Федерација, избран од целиот народ“.