Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) уште во мај 2019 година отвори предмет против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко кој се најде на „црната листа“ на САД, но од Јавното обвинителство немало никаква реакција.
Ова денеска го соопшти претседателката на Антикорупциска комисија, Билјана Ивановска која потенцираше дека ДКСК поднела иницијатива за кривично гонење на Рамиз Мерко, но никогаш не добила одговор.
Истовремено, до Судскиот совет во 2019 година било пријавено дека Мерко влијаел во Основниот суд Струга да му се зголемува минимумот за јавни набавки во услови на блокирана сметка на општината.
Основниот суд Струга со зголемување на минимумот во 2017 му овозможил на градоначалникот да купи скапо службено возило.
Тоа било пријавено во Судскиот совет, но од таму таинствено „го изгубиле предметот“.
– На 20 мај 2021 доставена е уреганција до Судскиот совет. На 7 јули 2021 нѐ известува дека по проверките на електронската архива не е пронајден таков предмет, а еве ја претставката со картонче дека преметот е примен во Судскиот совет – рече претседателката на Комисијата на денешната прес-конференција.