Руската служба за државна безбедност ФСБ објави дека уапсила пет лица кои се обиделе да купат еден килограм радиоактивен цезиум-137 за 3,5 милиони долари во име на украински државјанин, пренесе руската новинска агенција ТАСС.
Според наводите на ФСБ, кои ги пренесува агенцијата, цезиумот-137 требало да биде изнесен од Русија и да му биде продаден на налогодавачот од Украина, за потоа да се користи да се инсценира инцидент со наводно оружје за масовно уништување, а сè со цел да се дискредитира Русија. Засега не е возможна независна потврда на руските тврдења, а Украина сè уште не го коментираше случајот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски неделава изјави дека украинските шпиони добиле информации дека Русија размислува за „терористички“ напад на нуклеарната централа „Запорожје“ во јужна Украина, која е под руска контрола, вклучувајќи и ослободување на радијација.
Русија ги отфрли ваквите тврдења и за возврат ја обвини Украина дека планира да ја заземе електраната и да ги гранатира нејзините објекти, вклучувајќи ги и оние каде што се складира нуклеарно гориво. Москва го обвини Киев и дека планира напад со „валкана бомба“ против Русија, што Украина го негираше.
ФСБ денеска соопшти дека лицата приведени во случајот цезиум-137 веќе ја признале вината, но не ги објави нивните имиња или други детали.