Пекинг му одговори на американскиот претседател Џо Бајден за изјавата дека неговиот кинески колега е диктатор, оценувајќи го потегот како отворена провокација, пишува Би-Би-Си.
– Изјавите на американската страна се крајно апсурдни, крајно недоговорни, контрадикторни се со фактите, сериозно го нарушуваат дипломатскиот бонтон, претставуваат сериозно нарушување на политичкото достоинство на Кина и отворена политичка провокација – истакна на редовниот брифинг во средата портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг.
Кина соопшти дека „цврсто се противи“ на коментарите на Бајден.
Изјавата на Бајден на која се осврна Мао Нинг беше дадена на настан за собирање средства во Калифорнија. Таму Бајден ја коментираше неодамнешната средба на американскиот државен секретар Ентони Блинкен со Си Џинпинг, средба која требаше да ги намали тензиите меѓу двете суперсили.
Бајден го спомна зборот диктатор коментирајќи го соборувањето на кинеските шпионски балони на повеќе места во САД, скандал кој сѐ уште е обвиен со непознаници.
– Причината поради која Си Џинпинг се вознемири многу, во врска со тоа кога го соборив балонот со две кутии полни со шпионска опрема во него, беше дека тој не знаеше дека (балонот) е таму. Тоа е голем срам за диктаторите. Кога не знаат што се случило – додаде тој.
Балонот, за кој Кина објаснуваше дека го следел времето, се движел низ континенталниот дел на САД пред да биде уништен од американски воени авиони во февруари. Вашингтон подоцна рече дека тоа е дел од големата кинеска програма за собирање разузнавачки информации.
Ентони Блинкен требаше да го посети Пекинг уште тогаш, но го одложи патувањето по инцидентот со балонот.