More

    Да се намалат придонесите за да се покачат платите?

    spot_img

    Бизнисмени бараат да се намалат придонесите за плати и нивната примена да биде линеарна од најниската до највисоката плата за да можат да ги зголемат платите на работниците и да се изборат со конкуренцијата од регионот која им ги зема работниците бидејќи им нуди повисоки плати.

    Владата засега молчи, а економисти велат дека ваквата идеја можеби е добра за бизнисите, но не е добра за работниците и за државата бидејќи ќе се намалат парите уплатени во буџетите на фондовите, а пензиите и здравствената услуга ќе претрпат штета.

    Синдикатите сметаат дека и со овој предлог ќе се намалат правата на работниците, нивната здравствена заштита и нивните идни пензии. Тие сметаат дека и овој пат работодавачите блефираат, а парите кои ќе ги заштедат ќе завршат пак во нивниот џеб.

    Барањето вчера беше соопштено на годишната конференција на Стопанската комора на северо-западна Македонија, а идејата е преку намалување на товарот врз бизнисите да се ослободи простор за зголемување на нето-платите и намалување на бројот на работници кои ја напуштаат земјата.

    – Бараме од Владата да ги намали придонесите на плати на 32 отсто и тие да се плаќаат линеарно за сите плати. На пример, сега придонесите за минимална плата кои се високи и изнесуваат 47,5 отсто да се намалат на 32 отсто за да се зголеми нето платата – изјави вчера Менди Ќура, претседател на Стопанска комора на северо-западна Македонија.

    Барањата на комората беа презентирани пред владини претставници, но официјално со пресметки и анализи ќе бидат доставени до владата и до одделни министерства.

    – Со прифаќањето на оваа иницијатива очекуваме во старт да се зголемат платите, а со линеарното плаќање на придонесите за сите плати би се поттикнале компаниите да ги зголемат платите бидејќи тие така би се чувствувале сигурни дека нема да има промени – појаснуваат од комората.

    Според Комората, на овој начин македонските компании би станале поконкурентни во однос на регионот каде што зафаќањата за плати се далеку пониски од оние во земјава и се движат од 27 до 32%.

    – Во регионот имаме различни проценти на зафаќање од платите почнувајќи од 27 до 32%. Соодветна на тоа е и разликата во висината на просечните плати. Кај нас зафаќањата се наголеми од 36% и повеќе, а просечната плата е најниска во регионот. Во нашиот предлог го земаме највисокиот износ на придонеси од 32% и бараме тој да се применува линеарно за сите плати. Со тоа ќе се избориме со конкуренцијата да не ни ги зема работниците – велат од комората.

    Ангел Димитров од Oрганизацијата на работодавачи смета дека идејата е добра и оди во прилог на зголемување на нето платите на работниците, но е тешко остварлива, бидејќи владата нема да се откаже од парите со кои се полнат фондовите и ќе треба многу повеќе да издвојува за да го надомести изгубеното.

    – Фондовите и така се во лоша состојба и ваквото намалување на придонесите би значело дополнително зголемување на уплатите од државата кон фондовите, а тоа тешко ќе оди со оглед на состојбите на слабо полнење на буџетот. Мој предлог е да се најде компромисно решение кое би ги опфатило само работниците со пониски плати, односно оние кои земаат минимална до просечна плата. Со тоа ќе им се помогне на работниците, а нема да има и големо намалување на парите за фондовите – вели Димитров.

    Тој предупредува дека со одливот на работници и со намалувањето на бројот на работници се намалуваат шансите во иднина редовно да се исплаќаат пензиите.

    – Имаме се помалку работници, а се повеќе пензионери. Иднината е уште позагрижувачка бидејќи бројот на пензионери ќе биде неколкукратно поголем од работници и ќе нема кој да издвојува за пензии – вели Димитров.

    Економистот Маријанчо Николов смета дека идејата за линеарна примена на придонесите и нивно намалување е на штета на работниците посебно за нивните идни пензии, нивната здравствена заштита и развојот на образованието.

    – Не знам какви се пресметките на носителите на идејата за линеарна примена на пониски придонеси, но она што прво паѓа в очи е дека видно ќе се намалат парите уплатени во фондовите кои и сега црпат пари од државниот буџет, бидејќи буџетот на фондовите не е доволен за исплата, на пример, на пензиите. Тоа во иднина може да ја доведе во прашање исплатата на пензиите ако државата нема пари да го надомести кусокот во фондот. Мислам дека прифаќањето на една ваква идеја ќе повлече и нов систем на пресметки на пензиите, но сега кога сме потпрени на солидарен фонд и слаби втор и трет пензиски столб, идејата е тешко остварлива. Слична ќе биде состојбата и со здравствениот фонд. Сепак сметам дека компаниите и владата треба добро да се пресметаат пред да донесат една ваква одлука која главно би била на штета на работниците – вели Николов.

    Тој додава дека компаниите треба да ја имаат предвид и продуктивноста и конкуренцијата од регионот, во кој очекуваат поради подобрите плати, да заминат добар дел од нивните работници.

    Синдикатите не се согласуваат со една ваква идеја која, според нив, оди само во прилог на работодавачите и повторно е на штета на работниците кои ќе ја почувствуваат подоцна кога ќе станат пензионери.

    – Прво треба да го видиме овој предлог на комората официјално и да го дискутираме на Економско-социјалниот совет и, второ, не го гледаме како разумно решение за проблемот со ниските плати и заминувањето на работниците и младите од земјава. Со оваа идеја се намалуваат правата на работниците и не гледаме дека нивните плати поради пониските придонеси ќе бидат повисоки, бидејќи практиката покажа дека секој предлог на работодавачите завршува во нивниот џеб наместо во џебот на работниците. Така ќе биде и овојпат. Но проблемот не е само во тоа, туку и во тоа што е на штета на работниците во подолг рок, бидејќи со понискиот износ на придонеси тие финансираат помала пензија за подоцна, без оглед колкава и да им е платата сега – вели Иван Пешевски, член на претседателството на Сојузот на синдикатите.

    Пешевски смета дека на ваков начин ќе се наруши работата на фондовите посебно пензискиот, каде што веќе се доближуваме до економска неиздржливост бидејќи 1,6 работници издржуваат еден пензионер, а би требало најмалку 3 работници да издржуваат еден пензионер.

    Владата не го коментира предлогот на Стопанската комора на северо-западна Македонија бидејќи не го добила, но вчера немаше коментар и од вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кој беше присутен на конференцијата.

    Во изминатиот период владата имаше една мерка со која ги помагаше компаниите кои ќе ги зголемат платите на работниците со која ги субвенционираше придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата и исплата на минимална плата.

    Државата годинава планира да собере  1, 427 милијарди евра од придонеси.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img