Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА) по канонскиот отпуст на архијереите г. Јован, г. Јоаким, г. Марко и г. Давид од Соборот на СПЦ, денеска ги прифати во своја канонска јурисдикција и им определи епархии и задолженија.
Синодот на својата редовна седница во пленарен состав одлучи Крушевско-демирхисарската епархија да ја предводи митрополитот г. Јован, со титула митрополит крушевско-демирхисарски, Дељадровско-илинденската епархија – епископот г. Јоаким, со титула епископ дељадровско-илинденски, Делчевско-каменичката епархија – епископот г. Марко, со титула епископ делчевско-каменички, а епископот г. Давид го назначи за викарен епископ на Скопската епархија, со титула епископ дремвитски.
Со света архиерејска литургија во црквата „Света Софија“ во Охрид на 5 јуни овој месец беше припоена Православната Охридска Архиепископија (ПОА) со МПЦ-ОА. Светата архиерејска литургија се одржа по повод годишнината од врачувањето на актот на Соборот на СПЦ од страна на српскиот патријарх Порфириј на архиепископот охридски и македонски , г.г Стефан со кој СПЦ одобри и упати благослов за автокефалност на МПЦ-ОА, со што се стави крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви.
На денешната седница на Синодот биле разгледни повеќе прашања и настани поврзани со актуелниот црковен живот, при што биле усвоени годишните епархиски извештаи, како во земјава, така и во дијаспората. Синодот ја проследил и дејноста на црковните воспитно-образовни институции, при што е распишан и конкурс за уписи на студенти на Православниот богословски факултет и Средното богословско училиште.
Светиот архијерејски синод на денешната седница ги разгледал предлог-законите за матична евиденција и родова еднаквост и изразил особено жалење и загриженост што релевантните институции го игнорирале соопштението од, како што наведуваат сите верски заедници, кои претставуваат над 95 отсто од населението.
„Напротив, продолжуваат со постапката во скратена форма за сите собраниски филтри, за целосно носење на овие закони за кои уште еднаш апелираме да се повлечат од процедура, бидејќи тие претставуваат сериозна закана за општеството, а особено за неговата основна клетка – семејството. Негативните последиците од ваквите закони веќе ги согледуваат најстарите демократски општества во светот каде веќе се предмет на сериозна критика или отфрлање. Будно следејќи ги сите случувања и активни притисоци за носењето на овие закони, длабоко сме загрижени и доведени до ситуација да мора да го заштитиме и одбраниме семејството, а пред сѐ нашите деца“, се вели во соопштението на Синодот.
Во соопштението уште повикуваат во, како што наведуваат, оваа борба за достоинство, слобода и заштита на основните верски права да им се придружи верниот народ, граѓанските здруженија, организации и сите поддржувачи.
„Заедно да ја заштитиме нашата вера и традиција од обидот за нејзиното искоренување спомнат во член 23 точка 5 од Предлог-законот и да излезат на мирен протест пред Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје на 29 јуни 2023 година во 18 часот, против донесувањето на овие закони“, нагласува Светиот синод.