Не стивнува огорченоста и реакциите по „историскиот“ пораз на фудбалската репрезентација на Македонија која загуби од Англија на „Олд Трафорд“ со огромни 7-0 (3-0). Тимот кој пред две години игрше на Европско првенство и беше гордост на нацијата, сега во серија бележи два тешки порази, прво од Унгарија во Скопје (2-3), а сега и од Англија во Манчестер.
На поразот не остана рамнодушен ни најдобриот македонски фудбалер, Горан Пандев. Поранешниот македонски репрезентативец одговори на Инстаграм објавата од пејачот Панчо од дуото ДНК на која беше означен.
Панчо напиша: „Овие четири лика кои се заштитени како бели мечки (од за нас непознати причини), се најголемото зло што се има случено на македонскиот фудбал“.
А, Пандев му одговори: „Најголемото зло што некогаш постоело во македонскиот фудбал. Нема ни е на чест на сите“, напиша Пандев.
Горан Пандев не беше во најдобри односи со раководството на ФФМ, особено со претседателот Муамед Сејдини, а слична е ситуацијата и со селекторот Благоја Милевски кој јавно го критикуваше.
Покрај најубедливиот пораз што го претрпела македонската фудбалска репрезентација досега, поразителна е и статистиката која покажува дека македонските фудбалери во дуелот со Англија немале ниеден шут кон противничкиот гол. Селекторот Благоја Милевски иако ја презема одговорноста по двата порази по ред и речиси непрепознатливата игра на македонската репрезентација, сепак смета дека не е време да се повлече од функцијата
-Според мене кукавички е да се повлечеш кога е тешко. Јас признавам дека целата одговорност е моја затоа што јас ги селектирам играчите, јас ги ставам на списокот и јас одговарам за тоа. А, дека ќе се повлечам на првата потешкотија на тимот, никогаш. Не сум таков човек и тоа нема да го направам сам – изјави Милевски на прес конференцијата по поразот од Англија.
Македонија во квалификациите за ЕП 2024 во Германија, има една победа над Малта и два порази во серија од Украина и Англија. Квалификациите продолжуваат во септември кога Македонија ја пречекува Италија, а потоа и гостува на Малта.