Етјен Камел, фармацевт од францускиот град Лион, и неговата сопруга Елијан шетале покрај езерото Лох Нес во шкотските висорамнини кога наводно го виделе и го снимиле познатото „чудовиште“ Неси како плива веднаш под површината на езерото, пишува британски Телеграф.
– Беше доста чудно. Јас сум човек на науката и никогаш не верував дека чудовиштето од Лох Нес навистина постои. Сепак, видов долга сенка додека го фотографирав езерото. Ја повикав сопругата и двајцата забележавме дека сенката се поместува – изјавил Етјен Камел.
Отпрво двајцата помислиле дека можеби е облак, но немало облаци на небото.
– Тогаш ми текна дека можеби се бранови предизвикани од брод, но немаше никакво пловило во близина. Имаше помали бранови, како нешто да се движи. Беше долго нешто помеѓу 15 и 20 метри, а јас бев на околу 150 метри од него. Беше прилично чудно, а потоа исчезна. Не можевме да процениме дали се работи за животно, но нешто се движеше под водата. Никогаш не сум видел такво нешто – додаде фармацевтот.
Првата приказна за чудовиштето по име Неси што живее во езерото Лох Нес се појави во 1933 година откако Франческа Мекгарви од шкотскиот град Каслхед видела темна фигура како излегува од водата. Откако повеќе луѓе тврдеа дека има нешто во тоа езеро, медиумите пишуваа дека наводното чудовиште личи на плезиосаур, морски рептил кој се појавил на крајот на епохата Тријас.