Центарот за управување со кризи координираше да се сопре целосно истекот од ХЕЦ „Вруток“ за да нема дополнителен прилив на вода во коритото на реката Вардар, освен тоа што е од дождовите. Нивото на реката Вардар е високо, па ова е превентивна мерка од можните излевања на реката во Полог.
Од Центарот за управување со кризи велат дека поради тоа што нивото на реката Вардар е високо градоначалниците во Полошко треба превентивно да се подготвуваат за можните излевања да не бидат на штета на населените места во Полошката котлина.
– Според последните добиени податоци во ЦУК од хидролошките станици низ земјава се уште е висок водостојот во горниот дел од сливот на реката Вардар и таму се очекуваат локални излевања на реката, особено во Полошката Котлина. Исто така, во Скопје на реката Вардар е регистриран прилично висок водостој и е можно, речиси до горе, да биде исполнето со вода првото (минор) корито на реката – информираат од ЦУК.
Висок е водостојот на Вардар и во Скопје. Зголемен водостој се очекува и низводно од Скопје кон Орешани, Зелениково, Таор и Велес поради движењето на поплавниот бран. И на реката Треска висок е водостојот.