Министерот за информатичко опшестство и администрација Азир Алиу ги отфрли обвинувањата за непотизам при ангажманот на Дритон Даути за шеф на неговиот кабинет, што ги упати политичката партија Алтернатива.
– Тоа е излезено надвор од контекст, не ми е ниту зет од ќерка, од сестра, може да проверите, да отворите постапка. Сѐ е во ред, нема никаков непотизам. Тој е зет на семејството Алиу, не е мој зет. Идејата е да имате луѓе околу вас кои се експерти и на кои им верувате. Дојдов тука да бидам транспарентен, да го отворам министерството за граѓаните – рече Алиу, најавувајќи дека Кабинетот на МИОА ќе има поткаст, а еден од нив ќе биде со новинарите.
Алиу потсети дека ова му е прва политичка позиција бидејќи доаѓа од приватниот сектор и оти е свесен дека јавноста е чувствителна од аспект на политичари на креирање на политики на корупција на непотизам и тн.
– Кога доаѓате во последната година од владеење, мора да бидете претпазливи од аспект на креирање човечка инфраструктура во кабинетот. Единствениот кабинет што ја отсликува реалноста во Македонија е Кабинетот за МИОА каде што внатре ги имате сите категории, значи експерти од сите националности и јас се гордеам со тоа – наведе Алиу.
Тој најави дека работна група наскоро ќе почне да работи на законот за медиуми, кој ќе создаде правна рамка за порталите и електронските медиуми во земјава.
Алиу очекува да бидат изгласани предложените измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски слуги (АВМУ) што се во собраниска процедура, како и дека следните законски интервенции во оваа област ќе бидат во согласност со ЕУ директивите и за подобрување на состојбата во медиумиот сектор.
– Дигитализацијата, јавната администрација и медиумите се многу важни за подобрување на демократскиот амбиент во земјата, затоа ќе инсистирам тој закон да го подобри медиумскиот простор, не да го влоши – рече Алиу.
Измените на Законот во првата фаза се поврзани со пристапот до фондовите од Креативна Европа, а наскоро ќе се заврши и вториот дел со кој ќе се создаде правна рамка за приватните медиуми во земјава.
– Законот се подели во две фази заради Креативна Европа, се надевам дека за три, четири дена ќе биде изгласан. Втората фаза на која се работи пет години, се работи како никогаш досега, се отворивме кон сите кои се директно или индиректно вклучени во овој еко систем на медиумите. Денеска имам состанок со локалните медиуми. При крај е, работиме заедно со Канцеларијата на ЕУ во Македонија, со домашни и меѓународни експерти и ценам дека на крај ќе имаме закон во којшто ние првично како граѓани ќе бидеме задоволни од транспарентноста на јавните институции на политичарите и на менаџерите во јавните институции, но исто така ќе бидеме реално информирани од аспект на процеси што се случуваат во нашето општество – рече Алиу.
Во отчетот за сработеното во првите 100 дена од неговата министерска работа Алиу истакна дека ќе го одобри законот откако од експертите ќе биде убеден дека е во согласност со ЕУ директивите и ќе го подобри еко системот на медиумите.