Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави дека неговата земја почнала да добива тактичко нуклеарно оружје од Русија, од кои некои се трипати помоќни од атомските бомби фрлени од САД на Хирошима и Нагасаки во 1945 година.
Нуклеарни боеви глави со помал дострел, кои би можеле да се користат на бојното поле, Москва ги испраќа надвор од руската територија за прв пат по распадот на Советскиот Сојуз.
„Имаме проектили и бомби што ги добивме од Русија“, рече Лукашенко во интервју за државната руска телевизија, објавено на каналот Телеграм на белоруската новинска агенција Белта.
„Бомбите се три пати помоќни од оние фрлени на Хирошима и Нагасаки“, додаде тој.
Лукашенко, близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин, во вторникот објави дека нуклеарното оружје може да пристигне во Белорусија „за неколку дена“ и дека неговата земја има инфраструктура за ракети со долг дострел доколку некогаш е потребно.
Путин во петокот рече дека Русија ќе го испрати оружјето, врз кое ќе ја задржи контролата, откако Белорусија ќе ја подготви потребната инфраструктура.
Лукашенко во вторникот рече дека Белорусија има неколку локации за ова кои датираат од советската ера и дека обновила пет или шест од нив.
Во март, рускиот лидер објави дека договорил распоредување на нуклеарно оружје, наведувајќи дека САД тоа го прават во европските земји со децении.
САД ја критикуваа одлуката на Путин, но исто така рекоа дека нема да го сменат ставот за нуклеарното оружје и дека не гледаат знаци дека Русија навистина е подготвена да го употреби.
Лукашенко и дозволи на Русија да ја нападне Украина од белоруска територија и рече дека испраќањето нуклеарно оружје ќе послужи како пречка за потенцијалните агресори.
Белорусија граничи со три членки на НАТО: Литванија, Латвија и Полска.