Алкохолот во летните месеци може да ви направи и дополнителни проблеми од оние стандардните. Посебно разладувањето со пиво бидејќи може да привлече несакани посетители, предупредуваат стручњаците. Ново научно истражување открива дека пивото може да ги направи луѓето „посебно попривлечни“ за комарците, но и џин-тоникот не ни прави никаква услуга.
– Пиењето алкохол генерално нè прави попривлечни за комарците, нагласува британскиот професор Џејмс Логан.
Тоа се потврдува и во напис во списанието „Журнал на Американското здружение за контрола на комарците“, според кој внесот на алкохол значително ги привлекува комарците. Испитувајќи 12 мажи и една жена на возраст меѓу 20 и 58 години, истражувачите ја измериле содржината на алкохол во потта на учесниците кои испиле или не испиле 350 милилитри пиво. Исто така, биле набљудувани и количината пот и температурата на кожата на доброволците пред и по алкохолниот пијалак. Повеќе комарци отишле кај луѓето кои пијат пиво.
– Испитувањата потврдија дека луѓето кои пијат алкохол треба да бидат внимателни бидејќи се изложени на поголема опасност од каснување од комарец, а со тоа и од болестите коишто ги пренесуваат – се вели во истражувањето.
Според наводите, за заштита од овие мали „крвопијци“ најдобро е да се користи делотворно средство против комарци, и тоа секогаш кога човекот е на отворено. Советот гласи – почесто мачкање, слично како крема за сончање.