Пијанистот Симон Трпчески синоќа ја затвори сезоната на Државниот филхармониски оркестар на Солун. Во Церемонијалната сала на Универзитетот „Аристотел“, под диригентската палка на Милтос Логиадис, на програмата беше и популарниот Концерт за пијано и оркестар број 2 од Рахманинов, покрај делата од Респиги и Стравински.
„Топлиот прием од грчката публика, Трпчески го награди и со изведба на бис. Грчкото оркестарско деби на нашиот пијанист се надоврза на серијата концерти која само во последниве два месеца го одведе на престижни сцени во Соединетите Американски Држави и Шпанија, регионално во Сараево и Љубљана, а во Женева настапи во ѕвездената камерна комбинација со најголемиот жив виолинист Максим Венгеров и еден од најпознатите виолончелисти на својата генерација Стивен Исерлис. Швајцарските медиуми се натпреваруваа во делењето критичарски ловорики за тројцата врвни инструменталисти кои, на пример според „Л Тамп“ ја одушевија публиката во салата „Викторија“. Критичарката Силви Боние својата зашеметеност од воодушевувањето по концертот вчудоневидено ја претставува низ дилемата „како дружењето на ова никогаш како постојано неоформено трио резултира во преседан чиниш отсекогаш сензибилитетите на тројцата уметници се усогласени во фузија што допира“, споредувајќи ја нивната изведба со „звучен и емотивен земјотрес со амплитуда од 100 степени“ што ќе остави „неизбришлив спомен за најдоброто што може да се понуди“, соопшти КултурОп.
Македонскиот пијанист со светско реноме идниот месец со проектот „Македонисимо“ ќе настапи на фестивалите во Дојран, во Литванија и Германија, а ќе продолжи и во Љубљана со Словенечката филхармонија и диригентот Васили Петренко и во Осор, Хрватска, со Загрепските солисти.