Косово „мора да се справи со насилните екстремисти, ултра-националистите, десничарите кои веруваат во „српскиот свет“ и да го гледаат како руски свет… тоа се луѓе кои му се восхитуваат на Милошевиќ или Путин“, изјави косовскиот премиер Албин Курти на конференцијата „Европска Хрватска: Ретроспектива и перспетктива“ во Дубровник, јавува Н1.
Тој рече дека Косово и Србија имаат договор за нормализација на односите што мора да го спроведат, а дека на Косово „е потребно владеење на правото и датум за избори“ и додаде дека во меѓувреме Косово би можело да го намали присуството на специјални полициски единици доколку „насилните екстремисти“ ги прекинат своите немири.
– Мислам дека тоа е патот напред, заедно со интензивен дијалог за спроведување на договорот и имаме договор што треба да го спроведеме – рече Курти.
Косовскиот премиер во Дубровник изјави дека „Европската унија е најважниот проект за мир и просперитет од Втората светска војна“ и дека се приклучил на дијалогот со Србија бидејќи „тој е организиран од Европската унија, што го олеснува тој разговор”.
Во вторникот, американскиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, изјави дека ако Косово сака да се приближи до ЕУ и НАТО ќе мора да им даде поголема автономија на општините со мнозинско српско население.
Во меѓувреме, нацрт-текстот за ЗСО по идеја на албанскиот премиер Еди Рама стигна до Париз и Берлин, потврдија за Радио Слободна Европа извори од Советот на Европа.
Дипломатски извори кои имаа можност да го видат овој нацрт оценија дека се работи за „сериозен и квалитетен документ“.