Во централниот дел на Босна и Херцеговина е откриено големо наоѓалиште на злато.
Големо наоѓалиште на злато е откриено во општина Језеро во централниот дел на Босна и Херцеговина, соопшти босанската филијала на австралиската компанија Ликос Балкан Металс, јави хрватската агенција Хина.
Некои површини во општината содржат и до 4,89 грама злато на тон ископан материјал, покажуваат најновите лабораториски анализи. Најновото наоѓалиште на злато е откриено на локацијата Зекилова коса, објаснуваат од компанијата.
Досега пребарале површина од 1,2 метри квадратни, а по најновото откритие најавија дека потрагата ќе ја прошират и во северозападниот дел на општина Језеро.
Компанијата започна со геолошки истражувања минатата година. Се истражуваат неколку локации во Босна и Херцеговина, а на почетокот на годината е откриено и поголемо наоѓалиште на злато во општина Језеро.
Златото беше откриено и во Србија во декември минатата година. Меѓународната рударска компанија Dundee Precious Metals го пронашла благородниот метал на подрачјето на општина Жагубица, на југоисток од земјата.