Кацигата на возачот на Формула 1, Шарл Леклер (Ферари), која ја носеше за време на неговата домашна трка на Големата награда на Монако минатиот месец, е продадена за 306.000 евра, а целиот приход ќе биде наменет за жртвите од неодамнешните поплави во италијанската област Емилија-Ромања. .
Аукциската куќа Сотби објави дека ова е највисоката сума платена за кацига во историјата, претходниот рекорд го држеше кацигата на легендарниот Бразилец Аиртон Сена, која ја носеше во сезоната 1990, а која беше продадена пред четири години за 162.000 евра.
Покрај кацигата, на аукцијата се најде и остатокот од опремата на Леклер што ја носел во Монако, па комбинезонот му е продаден за 61.200 евра, чевлите за 20.400 евра, а ракавиците за 42.000 евра, па се собрани вкупно 429.600 евра за жртви од поплави.
Поради поплавите минатиот месец, откажана е трката за Големата награда на Италија, која требаше да се вози на патеката Имола во регионот Емилија Ромања, а Големата награда на Монако беше прва трка после тоа.