Двете најголеми македонски партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, продолжуваат да се препукуваат на темите устани измени, преодна влада и предвремени избори. Во јавните настапи на водечките личности на ВМРО-ДПМНЕ и во своите соопштенија, оваа партија го конкретизира својот предлог за уставни измени со одложено стапување во сила, при влезот на земјава во ЕУ, заедно со преодна влада без ДУИ, предвремени избори, економски пакет за поддршка и други гаранции од ЕУ, па и од САД.
СДСМ, пак, ова го толкува како конечно прифаќање на уставните измени од страна на најголемата опозициска партија, и за денеска ги свикува највисоките партиски тела за да ги разгледа „новите околности на македонската политичка сцена“. ВМРО-ДПМНЕ, пак, нападите ги засили со барање за оставка на Ковачевски, а во меѓувреме, во јавноста се појавуваат шпекулации за она што се случува зад сцената, за наводни притисоци и „врбувања“ на пратеници од опозицијата да гласаат за уставните промени.
ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски денес да си даде оставка!
„Ковачевски денес да си даде оставка, затоа што манипулативните политики на неговата Влада се разобличени. Излезе на виделина дека цело време ги лажеа и домашната и меѓународната власт дека имаат двотретинско мнозинство за уставни измени. За жал најголема жртва на ваквата нивна политика е Македонија и народот“ – се вели во најновото од серијата партиски сооштенија на оваа тема.
ВМРО-ДПМНЕ повторува дека нуди конкретен предлог, за кој тврди дека на Македонија ѝ нуди излез од евроинтегративниот ќорсокак и заштита на националните и државните интереси, како и заштита на македонскиот идентитет и јазик.
„Предлогот предвидува да се бараат гаранции од страна на европските институции за многувековниот македонски идентитет и јазик. Освен гаранциите од европските институции ќе се побара и конкретен финансиски пакет за поддршка на македонското стопанство. Дополнително уставните измени би стапиле на сила непосредно пред самиот влез во ЕУ, со што би се заштитиле од нови и нови блокади по некакви етнички и идентитетски прашања, а во исто време би се очекувало од страна на Бугарија како чин на пријателство да примени барем три од многуте пресуди на судот во Стразбур“ – се вели во соопштението на партијата.
Освен тоа, ВМРО-ДПМНЕ смета дека еден од клучните моменти за релаксација на односите во македонското општество е одржување на избори оваа есен, за што предложи три датуми. „Преодната влада до изборите би била без ДУИ и без криминогените структури од оваа власт. ДУИ е развластена и време е да преминат во опозиција каде што би го почнале процесот на реформирање и декриминализација. Оваа преодна влада во никој случај не значи амнестија на криминалот на постоечката власт на СДС и ДУИ, туку напротив ќе почне ослободувањето на правосудниот систем и одговорност“ – се нагласува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата ги коментира и најавите на СДСМ дека ќе ги разгледува предлозите на ВМРО-ДПМНЕ и исходот од лидерската средба на состаноци на централниот и на извршниот комитет на партијата.
„Ковачевски не знае кај тера, свика состанок за предлозите кои на лидерска ги одби. Претседателот Христијан Мицкоски даде предлог за преодна влада без ДУИ, и уставни измени со одложено дејство, откако Македонија ќе стане членка на ЕУ. Ковачевски тој предлог го одби, а сега свикува состанок. Откако Ковачевски виде дека заглави во слепа улица, тој се сврте кон свикување состаноци. Предлозите на ВМРО-ДПМНЕ се единствен излез за Македонија, тие значат и интеграција на државата во ЕУ и зачуван идентитет“ – нагласува ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ: Се создава нова шанса за стратешката цел
Според СДСМ, прифаќањето на уставни измени од страна ВМРО-ДПМНЕ е основа за продолжување на дијалогот.
„Членството во ЕУ е стратешка цел на државата, врвен приоритет на генерации македонски граѓани и оттаму, обврска на сите политички субјекти е да се реализира таа нациоанлна и стратешка цел.
Прифаќањето на уставните измени од страна на ВМРО-ДПМНЕ и учество во широка Влада за европски интеграции создава нова шанса. Сега врз основа на новите околности на политичката сцена треба дијалогот да продолжи и да се искористи шансата да се реализира уште една стратешка цел – членството во ЕУ.
СДСМ како одговорна, државотворна партија повторно покажа државнички капацитет и уште еднаш потврди дека иднината на граѓаните и интересот на државата се на прво место“ – се вели во последното соопштение на партијата.