Министерот за здравство Фатмир Меџити уште еднаш потврди дека професор д-р Сашко Јовев чие разрешување од директорската функција на Клиниката за кардиохирургија предизвика бурни реакции во јавноста, ќе продолжи да работи како доктор на кардиохирургија, но нема да се врати на функцијата.
– Утринското кафе го испив со почитуваниот д-р Сашко Јовев, тој ќе продолжи да работи на Клиниката за кардиохирургија, како најдобар кадар заедно со другиот стручен тим. Почитуваниот професор и натаму ќе ја има мојата поддршка да ги извршува своите задачи. Тој е мој добар другар и колега. Ќе видиме дали ќе има нов директор – одговори министерот Меџити на новинарско прашање на денешната прес-конференција по повод 100 дена од неговото министерување.
На прашањето дали ќе ја преиспита одлуката за разрешувањето на д-р Сашко Јовев од функцијата директор на државна кардиохирургија, Меџити рече:
– Кога министерот донесува одлука и таа не се преиспитува, тоа е апсолвирано прашање, да не се повторувам.
Тој исто така додаде дека ќе се залага со ребалансот на буџетот националната програма за трансплантација да добие многу повеќе средства.
Меџити претходно посочи дека за директорското место во Кардиохирургија очекува предлог од СДСМ бидејќи и Јовев бил предлог на оваа партија. Нов кандидат, според денешната изјава на Меџити, сè уште нема.
– Немаме тајминг за назначување нов директор, да го расчистиме прво случајот и потоа кога ќе има кадар прифатлив и за Министерството и за мене, јас сум тука – рече Меџити.