Томас Тухел подготвува големи промени во тимот на Баерн за следната сезона.
Од тимот на германскиот шампион летово треба да си заминат дури седум играчи, а сите се големи ѕвезди. Првото име на списокот за отпис е Садио Мане. Тухел им порача на раководството да не смета на 31-годишниот Сенегалец, па се очекува продажба на Мане.
Истото важи и за Лерој Сане и Серж Гнабри. На Тухел не му се потребни и е подготвен да се согласи на нивно заминување од клубот, за да добие пари за нови трансфери. Четвртото име на листата е десниот бек Буна Сар. Играчот кој важи за најголем неуспех на до неодамна спортскиот директор Хасан Салихамиџиќ е слободен да избере нова средина.
Заминува и голманот Александар Нубел. Тој не сака да биде замена за Мануел Нојер или Јан Зомер, па е на позајмица во Монако, а летово би можел да направи перманентен трансфер некаде каде што ќе има поголема минутажа.
Од клубот се очекува да го напушти и Марсел Сабицер, кој сака да остане во Манчестер Јунајтед по завршувањето на позајмицата. Последен на листата на отпуштени е Бенџамин Павард, кој си заминува бидејќи подолго време е незадоволен од својот статус.