More

    Процедурите да се олеснат, квотите да се зголемат

    spot_img

    Иницијативата за таканаречен увоз на странски работници, што  ја поддржа и Владата, како да стивна. Иако компаниите не се откажуваат и се обидуваат на секој начин да стигнат до работници, бидејќи во земјава сѐ помалку ги наоѓаат. Дел од компаниите, главно од градежниот сектор, отвораат фирми во странство, преку кои ги обезбедуваат работниците, но други се обидоа и ги донесоа првите работници преку српски агенции за вработување од странство.

    Бизнисмените се согласни дека државата мора да направи многу повеќе од желбата да им помогне да обезбедат работници. Се бара измена на Законот за вработување странци или донесување целосно нов. Сето тоа да се донесе без одлагање, бидејќи процесот сега е многу компликуван, а квотите се мали, па тие секојдневно губат работници кои одат на сезонско работење или целосно во странство. Годинава преку квотите може да се увезат само 5.000 работници.

    Искуството на млекарницата „Николови“ од Свети Николе, која ги увезе првите тројца работници од Индија, го потврдува она што го бараат бизнисмените.

    – Процедурата не е така лесна и како за почеток, малку подолго траеше. Ја почнавме некаде во октомври лани. Искуството и контактите ги добивме од пријателска компанија од Србија. Лесно беше да се контактира, а добивме и помош од амбасадата, но имаше некои грешки од индиска страна и требаше да се поправат, за што требаше време. Ни се бараше да потпишеме преддоговори за вработување, за да можат работниците да добијат виза. Но, се заврши и тројца работници веќе работат кај нас. Очекуваме уште двајца во следниот период, бидејќи сме задоволни од работата на веќе вработените – велат од „Николови“.

    Од млекарницата, како и голем број други компании кои се заинтересирани да вработат странци, велат дека треба да се олесни процесот од македонска страна и да се зголемат квотите.

    Според податоците кои неодамна ги објави Владата, над 10.000 работници се потребни во домашната економија бидејќи не можат да се пополнат од она што се нуди како неангажирана работна сила во земјава. Работна рака недостасува речиси во секој сектор, но најмногу се бараат во трудоинтензивните дејности.

    Маријана Перковска од текстилниот сектор вели дека треба брзо да се дејствува и да се овозможи вработување на странци, но пред тоа треба да се донесе посебен закон со кој ќе се регулира ова прашање.

    – Албанија веќе подготвува нов закон за решавање на ова прашање и ние треба да го следиме примерот, бидејќи во овој закон треба да се регулираат сите прашања кои се поврзани со вработувањето на потребниот кадар – здравствено, пензиско осигурување, потпишување на договори со земјите како и низа други прашања кои се од значење за реализирање брза процедура. Притоа треба да се стави до знаење дека треба да се увезува обучен кадар, а не неискусен за кој треба да се потроши време за обуки. Со еден збор, овие вработувања треба да бидат ефективни и да дадат придонес за компаниите и за државата – вели Перковска.

    Таа предупредува дека ако сака државата да се збогати од овој тип работници, нема да се постигне ништо.

    – Однапред треба да се знае дека економијата не е во состојба дополнително да издвојува за државата за вработување на странци. Ако државата мисли дека странските работници треба да го полнат буџетот, се лаже, бидејќи економијата веќе е во многу лоша состојба.

    Според неа, треба да се променат и условите за дневен и неделен ангажман на странците.

    – Треба да ги имаме предвид искуствата од другите земји и пред сè да одговориме на прашањето дали нашите работници кои заминуваат во странство работат 8 или најмалку 12 и повеќе часови. Зошто би биле ние поразлични? Тоа треба да се примени и кај нас, за да се добие поголем ефект од ангажманот на странците – вели Перковска.

    Таа смета дека треба да се делува брзо, бидејќи процесот на заминување на кадарот од земјава е почнат одамна, а сега веќе станува алармантен.

    – Процесот е почнат одамна, ама сега веќе е незапирлив. Прво одат на сезонска работа, а потоа и заминуваат во странство. Процесот ги зафати и постарите работници. При тоа, не секогаш платата е во прашање. Се бараат подобри услови за живеење и безбедност, работи кои уште долго нема да ги има во земјава. Моментално немаме бројка на работници која фали во оваа индустрија бидејќи голем број фирми не ја издржаа кризата и затворија, но се знае дека кадар треба за да се опстане – додава таа.

    И хотелиерите кои се соочуваат со недостиг од работници велат дека можно е да вработуваат странци, но притоа треба да се олесни процедурата и да се зголемат квотите.

    – Процесот за вработување на странци кај нас е уште компликуван и не верувам дека многу брзо ќе може да се носат работници во поголем број, иако се потребни и во хотелиерството. Нас ни треба обучен кадар кој ќе може директно да работи. Мислам дека агенциите кои вработуваат во странство можат брзо да се подготват и да посредуваат за вакви вработувања, но компаниите ќе треба сами да ги најдат работниците и да го преземат ризикот кој го имаат и работниците странци кои треба прво да потрошат, па потоа да заработат во земјава. Ангажманот преку странски агенции ќе оди потешко, но треба и законот за странци да претрпи измени и да се олесни процесот, а квотите да се зголемат – вели Крсто Блажески, претседател на Асоцијацијата на хотелиери (ХОТАМ).

    Тој вели дека за разлика од нас регионот веќе се подготвил за странски работници.

    -Хрватска, на пример, за една недела им издава лични карти, отвораат тековни сметки и можат да функционираат нормално. Кај нас е поинаку – вели тој.

    Во земјава Агенцијата за вработување одлучува по барањата за вработување на странци и издава работни дозволи, а МВР дава мислење за исполнување на условите за издавање на дозвола за привремен престој на странец заради работа. Секоја година Владата носи одлука за квотата за вработување на странци.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img